МАКЕДОНИЈА ИМА ПОТЕНЦИЈАЛ ДА СТАНЕ ЗНАЧАЕН ЦЕНТАР ЗА ВОЗДУШЕН СООБРАЌАЈ Инвестициите во нови авиолинии се инвестиции во економијата
Нашата држава, со својата стратешка локација на Балканот, има потенцијал да стане значаен центар за воздушен сообраќај, изјави премиерот Христијан Мицкоски при пречекот на првите патници од Истанбул на охридскиот аеродром.
Македонија со својата позиција има огромен потенцијал да стане стратешка точка на Балканот за воздушен сообраќај, а инвестициите во нови авиолинии се инвестиција во иднината на економијата, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешното воведување на првиот лет Истанбул-Охрид на „Туркиш ерлајнс“.
Мицкоски ги пречека првите патници од Истанбул на охридскиот аеродром заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, Серкан Каптан, главниот извршен директор на „Туркиш ерлајнс“ Билал Екси и турскиот амбасадор Фатих Улусој.
„Денес стоиме пред вас со голема гордост и амбиција, развојот на нови авиолинии не е само техничко прашање, туку стратешка инвестиција во иднината на нашата економија, туризам и меѓународна соработка.
Нашата држава, со својата стратешка локација на Балканот, има потенцијал да стане значаен центар за воздушен сообраќај, затоа нашата Влада активно работи на:
Воведување нови авиолинии – Преку партнерства со реномирани авиокомпании како „Туркиш Ерлајнс”, обезбедуваме директни летови до клучните европски и светски дестинации.
Поттикнување на нискобуџетни превозници – Ова ќе овозможи подостапни билети за нашите граѓани и ќе привлече повеќе туристи и инвеститори.
Модернизација на аеродромите – Подобрувањето на капацитетите и услугите во аеродромите во Скопје и Охрид ќе создаде услови за зголемен број летови.
Промоција на нашата земја како авиотранспортен центар – Работиме на меѓународни договори и иницијативи кои ќе ја зголемат атрактивноста на нашата земја за деловни и туристички патувања.
Воведувањето нови авиолинии значи побрзо и полесно поврзување со светот, зголемување на туризмот, нови економски можности и унапредување на имиџот на нашата држава.
Нашата земја има огромен туристички потенцијал. Од живописните планини, прекрасните езера и богатото културно наследство, до топлината и гостопримството на нашите граѓани – сето ова ја прави Македонија атрактивна дестинација за домашни и странски посетители.
Затоа, нашата Влада активно работи на креирање политики и мерки што ќе го поттикнат туристичкиот сектор.
Инвестираме во патишта, аеродроми и железнички врски за да ја направиме нашата земја подостапна за туристите.
Работиме и на промоција на Македонија како туристичка дестинација како и поддршка за малите и средни туристички бизниси.
Нашата цел е јасна – да ја направиме Македонија не само дестинација за посета, туку и место во кое туристите ќе се враќаат повторно и повторно.
Денешниот чекор е само почеток. Веруваме дека со заеднички напори ќе создадеме посилна, подостапна и глобално поврзана Македонија.
Ви благодарам!“, рече премиерот Мицкоски.