МАКЕДОНИЈА И ТУРЦИЈА ЗАЕДНО ПРОТИВ ФИНАНСИСКИОТ КРИМИНАЛ Ќе се разменуваат информации за поврзани даночни обврзници

Даночните управи, како што е договорено, ќе работат на директна размена на информации за даночни ризици, заеднички даночни контроли и слични заеднички активности за мониторирање на активностите на поврзани даночни обврзници што може да влијаат врз плаќањето на даноците во двете земји.

82

Интензивна соработка помеѓу двете министерства во областа на даночната политика и борбата со финансискиот криминал е договорена на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со турскиот министер за трезор и финансии Мехмет Шимшек, на која присуствуваа и директорите на УЈП Елена Петрова и на Управата за финансиска полиција  Слободан Ивановски.

Како што соопшти Министерството за финансии, даночните управи е договорено да работат на директна размена на информации за даночни ризици, заеднички даночни контроли и слични заеднички активности за мониторирање на активностите на поврзани даночни обврзници што може да влијаат врз плаќањето на даноците во двете земји.






Министерката потенцира дека Управата за јавни приходи игра значајна улога во прибирање на приходите во Буџетот и дека се многу значајни сите активности и мерки што се преземаат, а се во насока на зголемување на ефикасноста во прибирањето на даночните приходи, како и примена на меѓународни искуства.

Во таа насока е утврдена и потребата за идна соработка на Управата за финансиска полиција со Одделот за истраги на финансиски криминал преку споделување знаења и искуства за добри пракси. Воедно беше потенцирана и важноста на брза и ефикасна размена на податоци и информации, како и градење на институционалните капацитети преку размена на знаења и искуства.

Двајцата министри разменија мислења во однос на актуелните состојби на глобално ниво и мерките што се преземаат за справување со предизвиците.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на работната посета на Турција, вчера оствари средба во Министерството за трговија, со министерот Омер Болат, а утре ќе учествува на Евроазискиот економски форум.

Поврзани содржини