МАКЕДОНИЈА И СРБИЈА ЌЕ РАЗМЕНУВААТ АДМИНИСТРАТИВЦИ И ПРОГРАМИ Конкретни чекори за поефикасна администрација и продлабочена соработка
Постигнавме согласност за размена на програми и создавање мрежа на заеднички обучувачи, а ќе следуваат и студиски посети и размена на службеници за практично споделување искуства, вели министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Соработката меѓу Република Македонија и Република Србија во областа на јавната администрација навлегува во поконкретна фаза, со јасно дефинирани активности и механизми за реализација, порача министерот за јавна администрација Горан Минчев од Белград, каде се сретна со српската министерка за државна управа и локална самоуправа, Снежана Пауновиќ.
– Денешната средба претставува важен чекор во продлабочувањето на институционалната соработка меѓу двете земји, особено во управувањето со човечките ресурси, подготовката на политики и развојот на информациските системи – изјави Минчев, потенцирајќи дека веќе воспоставената рамка преку меморандумот од 2024 година сега се надградува со конкретни активности.
Во фокусот на средбата на двете министерства беше и унапредување на системот на обуки преку размена на програми и воспоставување мрежа на обучувачи, како и поврзување на дигиталните платформи за е-учење.
– Постигнавме согласност за размена на програми и создавање мрежа на заеднички обучувачи – посочи министерот.
Ќе следуваат и студиски посети и размена на службеници за практично споделување искуства, додаде тој.
За поефикасна имплементација е формирана и заедничка работна група која ќе го следи напредокот и ќе ги координира активностите.
– Уверен сум дека оваа соработка ќе придонесе за посилни институции и поефикасна администрација во двете држави – заклучи Минчев.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување на сеопфатни реформи и професионализација на администрацијата, со цел градење ефикасни, транспарентни и услужно ориентирани институции во интерес на граѓаните.