Македонија и Португалија: 1992 и 2021

Португалската дипломатија стана не повеќе од поштенско сандаче на грчката.

2,610

Пред 29 години, на почетокот од 1992 година, Португалија стана новиот претседавач на ЕЗ. Во таа година, пишувам во мојата автбиографска книга, нашите очекувања од португалското претседателство беа големи колку и нашите маки. Значи, многу големи.

Меѓутоа, многу бргу ми стана јасно дека малата членка на ЕЗ, претставена од министер за надворешни работи со току големо има – Жоао ди Деус Рогадо Салвадор Пињеиро, имаше попаметни нешта отколку да го троши моментот на својот политички триумф за Македонија. Имав впечаток дека сите шест месеци привилегија да претседава со моќните држави на Европа, Пињеиро ги потроши на интересита на својата држава и, претпоставувам, на себе лично. Имено, тој подоцна замина за Брисел и стана еден од комесарите на Унијата. Времињата во таа 1992 година беа страшни и етничкиот пожар се закануваше да се прошири на југот на федерацијата. Оттаму и чувството на ургентност и морална должност кај светските дипломати нешто да се стори за спорот со Грција, држава членка на Заедницата. „Јас сум чесен човек“, беа првите зборови кои ми ги рече ситниот португалец со лице врамено во брадичка, за да ги растера моите сомнежи дека ме одбегнува и дека нема да може да биде неутрален арбитар во спор во кој учествува земја сојузник на Португалија – Грција. И не можеше. Португалската дипломатија стана не повеќе од поштенско сандаче на грчката.






Поминаа скоро три децении и еве не повторно во слична ситуација. Претседавач со Унијата во наредните шест месеци е Португалија а земјата членка со која имаме спор е Бугарија. Колку напредувала португалската дипломатија во меѓувреме не знам но малата земја не е во состојба да го носи товарот на посредништво како земјата од која го наследи претседателството – Германија. Едноставно, во меѓународните односи тоа е така: само големите сили го имаат капацитетот да посредуваат или да наметнат решение. Она што не успеа да го стори Германија, која е позната по тоа што одбива да наметнува решенија врз други држави, не би можела Португалија не во шест месеци туку во шеесет години.

Денешната португалска дипломатија не е соочена ниту со ургентноста или со моралните дилеми од времето на војните во Југославија зашто РС Македонија е членка на НАТО. Не постои ниту протисок од големите европски сили, а понајмалку од Америка чија надворешна политика допрва треба да се опорави од катастрофалниот начин на управување на досегашниот претседател Доналд Трамп.

Превземајки го претседателството со ЕУ, Португалија, од устата на својот амбасадор во Франција, на почетокот од оваа 2021 година кажа неколку вистини. Прво, дека темата за проширување е преголема за нејзините капацитети и положбата во внатрешната хиерархија на ЕУ, па оттаму нема да биде приоритет на нејзината надворешна политика. Дека нејзините приоритети се односите со земјите на Африка, каде во минатото била колонизатор, и прашањето на бегалците кои можат да стасаат и до нејзините брегови.

На крај, кажа една ноторна вистина која никако да ја разбереме: дека едногласноста е методот на одлучување за почеток на преговори со земјите кандидати каква што е Македонија. Поинаку кажано, исто онака како што некогаш патот до НАТО водеше преку Атина, денес патот до ЕУ води преку Софија. Овие изјави на португалскиот амбасадор во Париз од некни, денес ги надополни министерот за надворешни работи кој вети дека Португалија сепак ќе се обиде да се запознае со најновиот балкански проблем, односите помеѓу Македонија и Бугарија.

Поврзани содржини