Македонија и искорнат национален идентитет во ЕУ
За очекување е дека проширувањето на ЕУ сигурно ќе продолжи, но во каква форма и со какво темпо е прашање на кое моментно тешко би можел да се даде попрецизен одговор, така што, на пример, преку невтемелен оптимизам ќе се подгреваат надежите дека некои од земјите кандидадтки ќе бидат примена во полноправно членство до 2030 година. Искуствата не учат дека такви прогнози се крајно неизвесни и неблагодарни.
Заштита на националниот идентитет, или пак продлабочување на интеграциите што ќе водат кон создавање на надграничен, европски идентитет. Тоа е дилемата која неретко се наоѓа во средиштето на судирот на стратегиите за развој на заедничкиот европски пројект.
За очекување е дека проширувањето на ЕУ сигурно ќе продолжи, но во каква форма и со какво темпо е прашање на кое моментно тешко би можел да се даде попрецизен одговор, така што, на пример, преку невтемелен оптимизам ќе се подгреваат надежите дека некои од земјите кандидадтки ќе бидат примена во полноправно членство до 2030 година. Искуствата не учат дека такви прогнози се крајно неизвесни и неблагодарни.
„И ние сме Европа“ – звучи како извик, па можеби и како очајнички крик, дека некој е запоставен и отфрлен од заедничкиот дом на кој му припаѓа, или каде што несомнено му е местото. Многумина во Македонија чувствуваат потреба постојано да потенцираат дека земјата е дел од Европа, и дека единствената опција за иднината на државата е ЕУ, иако појмовите на географска Европа и на ЕУ како политичко-економска заедница директно не се совпаѓаат. Но доколку некој ја врзува својата иднина за иднината на ЕУ, тогаш би требало повнимателно да ги следи линиите на спротивставени политички стратегии околу карактерот на натамошните развој на европските интеграции, особено во односн на тоа што се очекува по руската војна во Украина.
Се почесто се издвојуваат мислења за две спротивставени визии за тоа како треба да изгледа иднината на Европа и ЕУ откако војната ќе заврши. Од една страна се Германија и Франција кои бараат зголемена интеграција и полесно управување со Унијата. На другата страна е Полска, која бара ЕУ да се трансформира во полабава заедница, каде што членството во НАТО и соработката со САД, се чини, би биле поважни од членството во ЕУ.
Руската инвазија на Украина и даде на Полска нова, по многу нешта централна улога во Европа. Заедно со прибалтичките земји, Полска стана движечка сила за воената поддршка на Западот за Украина. Петтата по бројност на жители земја во ЕУ сега ја користи оваа позиција за да се обиде да создаде моќен контрапункт на Франција и Германија, кога треба да се обликува иднината на Европа. Но таа позиција за Полска значи и да се обиде да го избегне камшикот на ЕУ во однис на критиките дека земјата не ги исполнува „европските вредности“, пред се демократските принципи и принципите на владеење на правото. Острицата на такавите критики веќе подолго време се насочени не само кон Полска, туку и кон Унгарија и некои други членки.
Централното прашање кое се очекува дека ќе биде на агендата по завршувањето на војната, ќе се однесува на поддршката за обнова на Украина, но напоредно на тоа едено од клучните прашања ќе биде и ЕУ-проширувањето, односно како ЕУ би се променила кога во заедницата ќе бидат примени уште вкупно шест или седум нови земји.
Според полскиот премиер Моравјецки, токму Полска, заедно со Романија и балтичките земји, мора да ја преземе одговорноста за иднината на Европа. Полска, потенцираше тој на прес-конференција во Вашингтон во април годинава, со поддршка на САД ќе ја изгради најсилната армија на континентот и ќе стане бедем на поддршка за цела Европа. Така би можело накусо да се формулира планирањето на воено-политичката позиција за која се погласно зборува премиерот на Полска.
Пред посетата на Вашингтон, Моравјецки одржа говор на Универзитетот во Хајделберг и ја претстави полската „визија за европската иднина“. Неговиот говор во голема мера беше одговор на „говорите за европска политика“, одржани од страна на францускиот претседател Макрон во Сорбона во 2017 година, како и од страна на германскиот канцелар Олаф Шолц во август 2022 година на Карловиот универзитетот во Прага. Тоа се, всушност, три говори кои ги истакнаа насоките за дискусија и заострените противречности што ја очекуваат ЕУ по војната.
Полскиот премиер во својот говор предупреди што би можело да се случи во иднина „доколку најголемите ЕУ-членки одлучат дека е профитабилно за нивните елити да продолжат со бизнис зделки со Кремљ, дури и по цена на крвопролевање“. Но Моравјецки има и децидни ставови во однос на сегашните состојби во ЕУ. Нам не ни е потребна, тврди тој, некаква „паневропска космополитска елита“ што се обидува да создаде “нов човек, искорнат од својот национален идентитет“. Наместо тоа време е ЕУ “да се врати чекор наназад“. Моравјецки укажува на Римскиот договор од 1957 година, кога е востановена Европската економска заедница, ЕЕЗ, претходник на ЕЗ и ЕУ. Полскиот премиер е посебно бескомпромисен во однос на една точка: правото на вето што го имаат ЕУ-членките одделно, не треба да се укинува без оглед колку земји ќе има ЕУ во иднина.
Визијата на германскиот канцелар Шолц за иднината на ЕУ суштински се разликува од она што го предлага Полска. Шолц во својот говор во Прага нагласи дека Германија ќе продолжи да го поддржува ЕУ-проширувањето со прием на земјите кандидатки од Западен Балкан, Украина, Молдавија, а во подолгорочна перспектива и Грузија. За идната ЕУ да стане, како што Шолца ја нарече, „геополитичка Европа“, мора да се реформира. Но не преку свртување назад кон лабава заедница по Римскиот договор, туку, токму напротив, ќе треба уште повеќе да се интегрира.
Но, таму каде што Моравјецки предлага намалување на подрачја што ќе влезат во заедничката европска политика, Шолц предлага натамошно проширување. И што е најважно од се: – предлогот на полскиот премиер да се сочува правото на вето кога владите на ЕУ-членките донесуваат одлуки по важни прашања, вклучително и за приемот на нови членки, за германскиот канцелар е неспроведлив. Натамошно право на вето, со преку 30 ЕУ-членки, само ќе биде искористувано со цел да се создава хаос.
Таквиот хаос Македонија веќе многупати досега силно го има почувствувано врз сопствената кожа. Факт е дека ако некој во Европа со соочил со деструктивноста при употребата на вето, тоа е секако Македонија. Во секој случај, која линија на развојот на европските интергации ќе стане подоминантна во иднина, останува да се види. Претпоставките за извлекување цврсти заклучоци се се уште недоволни.
Но, прашањето за „искорнатиот национален идентитет“, кое не само Моравјецки го гледа како непосакувана жртва пред олаторот на федералистичките тенденции во ЕУ, ќе остане и понатаму актуелно. Посебно се чини за Македонија, која веќе многу жртвуваше за забрзување на сопствениот пат кон ЕУ, така што се поставува прашање дали воопшто моше да жртвува уште нешто во однос на веќе значајно нарушениот национален идентитет. И што е тоа што може да се толерира за да се „искорне“ од националниот идентитет, во насока на пренесување на делови од сопствената сувереност кон наддржавниот европски пројект?
Таква дебата интезивно се води во Полска и во други земји. Но, не и во Македонија, каде што дебатата најмногу се фокусира на меѓусебно оцрнување на „предавници“ и „заштитници“ на европската идеја, при што дилемата крајно симплифицирано се изострува – или ЕУ или ништо! Без оглед што во однос на сопствениот национален идентитет, Македонија продолжува да плаќа исклучително висока цена на својот пат кон Брисел.