МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА СО ДОНАЦИИ ВОДАТ БИТКА ЗА ПУСТЕЦ Османи се пофали дека донирал ученички ранци и печки, а Требиште ќе добие и булдожер
Република Бугарија веќе подолго време помошта што ѝ ја пружа на Албанија преку нејзините фондови и преку фондовите на Европската Унија, се насочува во областите кадешто живеат Македонците, а проектите ги претставува како помош за „бугарското малцинство“ во Албанија.
По остварената посета на министерот за надворешни работи Бујар Османи на Пустец и Голо брдо, на крајот на август, како и по заклучоците на Владата на Република Северна Македонија кои уследија како директен резултат на посетата, соопштено е дека денеска беше упатен првиот дел од помошта за Македонците во Албанија.
Станува збор за ученички ранци, училиштен прибор за повеќе од 130 ученици и печки на дрва, донација на Министерството за образование и наука, за училиштата каде има настава за припадници на македонското национално малцинство.
– Посебно сум задоволен што денеска успеавме да реализираме прв дел од помошта за Македонците од Албанија, за која лично се заложив при мојата посета на Требиште и Пустец, каде имав средба со македонските здруженија од Албанија – изјави Османи и додаде дека согласно барање на жителите на Требиште, обезбеден е и булдожер за чистење на снег, кој ќе биде доставен за кратко време – се вели во соопштението од МНР.
Османи се заблагодари на Министерството за образование и наука и ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта за обезбедената донација и нагласи дека Северна Македонија ќе продолжи со обезбедување на поддршка за припадниците на македонското национално малцинство во Албанија, како преку конкретна помош како денешната, така и преку поширока институционална поддршка за заштита и промоција на нивните јазични и културни особености во Албанија.
Инаку, познато е дека Република Бугарија веќе подолго време помошта што ѝ ја пружа на Албанија преку нејзините фондови и преку фондовите на Европската Унија, се насочува во областите кадешто живеат Македонците, а проектите ги претставува како помош за „бугарското малцинство“ во Албанија. Општините и селата кадешто живеат Македонци се именуваат како „бугарски села и општини во Албанија“.