Македонија гори, ректорот на УКИМ се чешла
Во овие тешки моменти, тоа е приоритетот - студентите и наставните активности, секако и здравјето и животот на студентите и на вработените на УКИМ. Има време за одлука за почеток на постапка за избор на ректор.
Деновиве кога сме во услови на мерки кои државните институции ги воведоа со цел да се спречи ширењето на корона вирусот COVID-19, како што впрочем се преземаат и во целиот свет, и кога сме соочени со состојба во која јас во мојот живот за прв пат се наоѓам, без вообичаените дневни активности во наставно-образовниот процес и научно-истражувачката работа на факултетот, ме окупираат многу размислувања, анализи и видувања на актуелната состојба и што треба да биде приорите на мојот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – УКИМ.
Со овој текст сакам да дадам придонес кон можни насоки кои треба да ги преземе Универзитетот во соработка со надлежните институции, пред се со Владата и Министерството за образование и наука, за да помогнеме на оние што ни се највредното и за кого постоиме – студентите.
Многу дилеми за студентите
Студентите, затоа што тие во рамките на академската заедница се најголемите губитници од оваа криза со прекинот на наставните активности. Тие се губитници бидејќи вака како што сега стојат работите наставните активности за овој семестар најверојатно се завршени. Ова отвора многу прашања кои се суштински за нашите студенти:
Како ќе се пренесе знаење без предавања, вежби и консултации? Како ќе се спроведе континуираното оценување, а како завршен испит? Дали овој семестар ќе биде признаен, дали студентите ќе добијат потписи за редовност на наставата и вежбите, како услов да се дојде на завршно оценување и услов да се завери семестар?
Но, исто така сериозни се прашањата и за оние студенти кои се пред дипломирање (или т.н. апсолвенти), како и оние кои се пред магистрирање и докторирање. Има студенти кои ја губат можноста за завршување на испитите (некои имаат останато само еден – последен испит).
Што со студентите кои ги имаат положено сите испити и ги изработиле дипломските и магистерските трудови, а што со тие кои се во завршна фаза пред одбрана на докторатот, а поради состојбата неможат да ги одбранат? Кај нив ваквата состојба предизвикува пролонгирање на датумот за нивно дипломирање, магистрирање и докторирање, влегување на пазарот на трудот, односно напредување на работното место. Тие покрај другото губат и можност и шанса за вработување, за остварување на плата и нивно осамостојување. Секако материјалните аспекти на сета оваа состојба претставува силно оптоварување на буџетот на студентот, од каде и да му доаѓа.
Но, ова последново има и општествена димензија на состојбава во која се наоѓаме. Во медиумите излезе информација дека Италија одлучи да вклучи во здравствениот систем 10.000 студенти на завршните години од студиите по медицина. Ова е насока и прашање за медицинските факултети во државава, но и за медицинскиот факултет на УКИМ, каде и актуелниот ректор е професор. Дали може и кој е начинот и нашите студенти по медицина да можат да се вклучат во здравствениот систем? Ова е важно ако се вели дека се насетува криза од недостаток на доктори, а во вакви услови треба да се активираат сите медицински ресурси.
А ректорот се секира за избор на нов ректор…
Одговорите мора да бидат врвен приоритет на универзитетот. Универзитетот, а пред се ректорот, ректорската управа и сенатот мора да ги водат процесите во насока да се изнајдат решенија, да се донесат вистински и храбри одлуки.
Ова треба да бидат приоритетите. Решенија има. УКИМ има капацитети да развие платформа за „учење на далечина“, нешто што веќе се работи на ФИНКИ, како единица на универзитетот. УКИМ има доволно голем научен потенцијал во наставно-образовниот и научно-истражувачкиот кадар, познат и надвор од границите на нашата држава. Од тој потенцијал треба да се искористат сите идеи и да се имплементираат, а се со цел да се помогне на нашите студенти, да се надмине оваа состојба со активен пристап и активности со кои студентите ќе ги добијат потребните знаења и вештини и во вакви кризни времиња. Под итно да се пристапи и кон акредитација на програми за учење на далечина. Зошто ова ни е ново искуство кое на УКИМ ќе му додаде вредност. Не се знае кога ќе ни затребаат повторно вакви програми.
Но она што деновиве се случува на УКИМ воопшто не соодветствува на пресериозниот момент во кој се наоѓа нашата држава и светот. Не кореспондира со погоре наведеното и донесувањето на решенија за наведените проблеми на студентите (само дел од многуте проблеми). Ректорот, наместо да биде лидер во овие тешки моменти, да носи одлуки со потесната ректорска управа (со проректорите), ја оповарува целата состојба со крајно непотребни, несуштински, нестатутарни и неделовнички активности, со кои донесува одлука за започнување на постапка за избор на нов ректор на УКИМ.
Македонскиот народ низ вековите креирал многу мудрости, со кои се потсмеваал и изразувал несогласување со состојбите. За оваа состојба најприкладна би била: „Село гори баба се чешла“. Со ова ректорот доведе во непријатност дел од ректорската управа, за што некои и јавно реагираа и изнесоа несогласување (тројцата професори: Вујица Живковиќ, Владимир Петрушевски и Гордана Јосифова Неделковска, актуелни проректори). Издигнувајќи се над интересите , а за повисоките цели – здравјето и животот на граѓаните и политичките субјекти ги одложија парламентарните избори.
За мене крајно неприфатливо е приоритет да биде изборот на ректор и да се измислуваат нестатутарни и неделовнички процедури за да се турка таква одлука.
Чуму брзање, ректоре?
Следствено на претходното, важи за УКИМ. Не, не треба избор на ректор да е приоритет за УКИМ. Ако погледнеме во историјата, може да научиме како се постапувало и да се применат тие искуствата. УКИМ минатата година прослави 70-годишен јубилеј. УКИМ е создаден од македонската пепел во Втората светска војна во тешки времиња и се вградил во темелите на нашата држава. УКИМ се справил со предизвиците од катастрофалниот земјотрес во Скопје, за што скоро починатиот академик Филиповски (во тоа време ректор), ќе каже дека му бил најтежок период во животот, но приоритет му биле студентите и наставата. И се справил. УКИМ се справил и со студентските незадоволства на крајот од 60-тите години на минатиот век. Се справил и со многу други предизвици, со распадот на бившата држава, со процесите кои следеа (создавање на независна држава, кризи, конфликти). УКИМ ги пребродил наведените предизвици. Ректорите, согласно предизвикот, поставувале повисоки приоритети, а пред се приоритет им биле студентите и наставата, како основа на постоењето на Универзитетот.
И во овие тешки моменти тоа е приоритетот – студентите и наставните активности, секако и здравјето и животот на студентите и вработените на УКИМ. Има време за одлука за почеток на постапка за избор на ректор. Регулирано е во Статутот дека треба да започне во втората половина на месец април. Но доколку и тогаш не заврши оваа кризна состојба, не мора да се започне. Најмал проблем е изборот на ректор. УКИМ има ректор. Ректорот да се зафати со активности за наоѓање решенија на дел од наведените проблеми, но и други проблеми кои во оваа криза се нејасни (избори и реизбори во звања, материјално-финансиската состојба на единиците на УКИМ, функционирање на органите и телата на универзитетот и на единиците).
Во моментов веројатно никој не знае колку долго ќе трае кризата. Затоа да поставиме важни приоритети. За мене крајно неприфатливо е приоритет да биде изборот на ректор и да се измислуваат нестатутарни и неделовнички процедури за да се турка таква одлука (седници и гласање преку e-mail за значајни прашања). За мене, а верувам дека и за најголемиот број наставници на УКИМ, приоритет е функционирањето на универзитетот, во услови на криза, а пред се на остварувањето на наставно-образовните активности, водејќи сметка за здравјето и животот на студентите и вработените.
До 15 септември (последен термин за избор на ректор по Статут), има доволно време да се избере ректор во нормална и статутарна процедура. А и да не се избере. УКИМ може да функционира и со вршител на должност ректор без никаков проблем. Важно е само таа личност да биде посветена на приоритетот – студентите и вработените, нивното здравје и живот, и под итно да се изнајдат начини како да се извршуваат наставните активности во вакви услови.
(Насловот и опремата на текстот се редакциски)