МАКЕДОНИЈА ГО ПОЧИТУВА ТЕРИТОРИЈАЛНИОТ ИНТЕГРИТЕТ НА УКРАИНА Османи побара од рускиот амбасадор деескалација на тензиите
Министерот Османи нагласил дека нашето членство во НАТО претставува значајно надворешно – политичко достигнување на земјава, што е израз на наша суверена одлука донесена едногласно во Собранието во 1993 година.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска се сретна со амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Сергеј Баздникин.
На средбата стaнало збор за случувањата во и околу Украина, при што министерот Османи повика на деескалација на состојбите и изнаоѓање решение преку дијалог и дипломатски начин на комуникација и го повтори ставот дека Македонија го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во меѓународно признатите граници.
Воедно, Министерот Османи нагласил дека нашето членство во НАТО претставува значајно надворешно – политичко достигнување на земјава, што е израз на наша суверена одлука донесена едногласно во Собранието во 1993 година. Членството на Македонија во НАТО Алијансата претставува гаранција за нашата безбедност, а воедно придонесува и за пошироката регионална безбедност и сигурност. Дополни, дека НАТО е алијанса за колективна одбрана на земјите членки и не претставува закана за Руската Федерација или било која друга земја во светот.
Министерот Османи го реафирмираше повикот до Руската Федерација за отворен дијалог во рамки на Советот НАТО-Русија и во ОБСЕ со цел за унапредување на европската безбедност, што е од заеднички интерес за сите.
На средбата беше дискутирано и за улогата на Македонија како дел од ОБСЕ и идното претседавање со ОБСЕ во 2023 година.