МАКЕДОНИЈА ГЛАСАШЕ „ВОЗДРЖАНО“ ЗА ИТЕН ПРЕКИН НА ОГНОТ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА Резолуцијата на ОН за хуманитарно примирје е усвоена со 120 гласа
Резолуцијата е усвоена со 120 гласа „за“, а „против“ беа 14 земји, меѓу кои Израел и САД, а 45 беа „воздржани“.
Генералното собрание на Обединети нации синоќа со мнозинство гласови усвои Резолуција со која се повикува на итно хуманитарно примирје во Појасот Газа.
Интересно е тоа што Македонија гласаше „воздржано“ за прекин на огнот, а 120 земји го поддржаа воспоставувањето на примирје.
Резолуцијата е усвоена со 120 гласа „за“, а „против“ беа 14 земји, меѓу кои Израел и САД, а 45 беа „воздржани“.
Од нашиот регион, Словенија, БиХ и Црна Гора гласаа „за“ резолуцијата, Хрватска беше „против“, додека Србија, Албанија, Македонија, Бугарија и Грција беа „воздржани“.
Во резолуцијата, на предлог на Јордан, а во името на арапските држави, се осудуваат сите акти на насилство против палестинските и израелските цивили, како и терористичките и неселективни напади. Резолуцијата нема обврзувачки карактер, но затоа има политичка тежина.
Сепак, гласањето на Македонија не ѝ се допадна на политичката партија Алтернатива, која веднаш реагираше дека воздржаниот глас во ОН за прекин на огнот е глас за војна и насилство.
„Со воздржаниот глас политичкиот субјект кој го раководи Министерството за надворешни работи и македонската власт во целина, докажаа дека се за војна и насилство иако цивилните животи и мирот треба да се над сѐ“, се вели во реакцијата на Алтернатива.
Партијата на Африм Гаши се оградува од воздржаниот глас на Македонија.
„Знаеме дека тоа е направено по инструкции на Министерството за надворешни работи и тој факт значи дека министерот за надворешни работи и субјектот кого тој го застапува, како и власта во целина, се сервилни и се во состојба да поддржат насилство и војна. Се разбира, и покрај ваквиот глас на Северна Македонија, Алтернатива ја поддржува донесената резолуција во Обединетите нации, за која гласаа и земји како Франција, Белгија, Швајцарија, Словенија итн., кои повикаа да се прекинат борбите во Појасот Газа и да му се даде шанса на дијалогот. Цивилните животи треба да се над сѐ“, се вели во реакцијата на Алтернатива.
Претставник на Македонија во Обединетите нации е амбасадорот Љубомир Фрчкоски. Тој за својата работа одговара директно пред министерот за надворешни работи Бујар Османи кој, пак, треба да објасни зошто нашата земја одлучи да биде воздржана за резолуција со која се поддржува хуманитарно примирје и испраќање на итна помош за Газа.