МАКЕДОНИЈА ГИ ИЗБРА ТРОЈЦАТА КАНДИДАТИ ЗА СТРАЗБУР Професор и двајца адвокати во финалната трка

Професорот Георгиевски е признат како угледен стручњак, додека двајцата избрани адвокати имаат неспорно искуство во областа на човековите права, изјави претседателот на Уставниот суд за изборот на професорот Сашо Георгиевски и адвокатите Јордан Апостолски и Наташа Бошковска за нов судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

206

Професорот Сашо Георгиевски и адвокатите Јордан Апостолски и Наташа Бошковска се тројцата кандидати што ќе ја претставуваат Република Македонија во процесот за избор на нов судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Списокот е официјално утврден од Комисијата за избор, која утрово ја завршила седницата со тајно гласање и усогласен став околу тројцата предложени правници.

Меѓу кандидатите, според Комисијата, преовладувале критериумите за висок морален углед и потврден професионален авторитет во областа на правото. Членот на Комисијата и претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, изјави дека во постапката се воделе од јасни стандарди поставени од Советот на Европа и дека мал дел од пријавените кандидати ги исполнувале условите за судиска функција.






– Професорот Георгиевски е признат како угледен стручњак, додека двајцата избрани адвокати имаат неспорно искуство во областа на човековите права – изјави Костадиновски.

Гласањето било спроведено со тајна процедура, при што двајца од кандидатите добиле по пет гласа, а третиот четири. Имињата ќе бидат испратени до експертскиот панел на Советот на Европа, кој ќе ја даде конечната оценка и ќе ја проследи листата до Парламентарното собрание на организацијата.

Ова е втор обид на државата да го финализира процесот за избор на кандидат. Претходната постапка заврши без успех, бидејќи Владата тогаш не даде поддршка на ниту еден од предложените кандидати, што предизвика бурни реакции во јавноста.

Поранешната обвинителка од СЈО, Ленче Ристоска, тогаш остро ја критикуваше транспарентноста и законитоста на процесот, оценувајќи дека одлуките мора да се темелат на стручност, а не на политички влијанија.

До крајот на неделава, Комисијата ќе ја достави официјалната листа до европскиот советодавен панел, по што ќе следи конечната одлука во Стразбур.

Поврзани содржини