МАКЕДОНИЈА Е ПРЕД ОДЛУЧУВАЧКИ ЧЕКОР Еве што порача претседателката Фон дер Лајен по пристигнувањето во Скопје
Мило ми е што сум денеска во Скопје. Северна Македонија е вистински и доверлив партнер. Луѓето од МК ја покажаа својата посветеност на европските вредности. Тие заслужуват да ја гледаат својата земја како напредува на патот кон членство. Сега е на МК да го направи одлучувачкиот чекор напред - напиша Фон дер Лајен.
Откако пристигна во Македонија, претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен преку својот профил упати порака дека земјата треба да направи одлучувачки чекор напред.
Претседателката на скопскиот аерoдром ја пречека министерот за внатрешни работи Бујар Османи по што имаа и кратка средба.
– Мило ми е што сум денеска во Скопје. Северна Македонија е вистински и доверлив партнер. Луѓето од МК ја покажаа својата посветеност на европските вредности. Тие заслужуват да ја гледаат својата земја како напредува на патот кон членство. Сега е на МК да го направи одлучувачкиот чекор напред – напиша Фон дер Лајен.
Фон дер Лајен веднаш потоа оствари средба со претседателот Стево Пендаровски, а на средбата беше разговарано за актуелните политички состојби во земјава и процесите поврзани со европските интеграции.
– Претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен потврди дека со првата меѓувладина конференција којашто треба да се одржи набрзо, доколку биде прифатен предлогот за преговарачката рамка, започнуваат конкретните преговори и веднаш започнува скрининг процесот. Исто така, со започнувањето на пристапните преговори со ЕУ, најбрзо што е можно ќе се пристапи кон потпишување на билатерални договори меѓу Северна Македонија и Европската Унија, на македонски јазик и на останатите службени јазици на Унијата – информираат од кабинетот на претседателот.
Според агендата, Фон дер Лајен по средбата со Пендаровски, предвидено е таа да се сретне со премиерот Ковачевски и собранискиот спикер Џафери, а потоа ќе се обрати и во Собранието.