МАКЕДОНИЈА ЌЕ НАПАЃА СО ЧЕТВОРИЦА ФУДБАЛЕРИ Селекторот Милевски повлекува неочекуван потег против Ерменците
Новиот селектор е познат по тоа што и како диригент на младинската репрезентација настојуваше да игра офанзивен фудбал, но изненадувачки е фактот што сениорската репрезентација денеска ќе напаѓа дури со четворица офанзивци.
Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Скопје ќе го одигра дуелот со Ерменија во квалификациите за Светското првенство, а новиот селектор Благоја Милевски одлучи да направи неколку измени во составот, но и во тактиката.
Имено, како што може да се забележи во официјалниот состав што го најави селекторот, нашите момци вечерва ќе истрчаат на теренот во многу офанзивна улога, а најистурен во нападот ќе биде повратникот Адис Јаховиќ. Новиот селектор е познат по тоа што и како диригент на младинската репрезентација настојуваше да игра офанзивен фудбал, но изненадувачки е фактот што сениорската репрезентација денеска ќе напаѓа дури со четворица офанзивци.
Адис Јаховиќ е најистурен во нападот, а зад него ќе играат Дарко Чурлинов, Елиф Елмас и Александар Трајковски. Формацијата што ја објави селекторот е 4-2-3-1.
Промени ќе претрпи и одбранбената линија, бидејќи Милевски се одлучи натпреварот да го започне со четворица дефанзивци. Десен бек е капитенот Стефан Ристовски, лев бек е Езѓан Алиоски, а стопери се Висар Муслиу и Дарко Велковски.
На голот стандардно ќе биде Столе Димитриевски, чуварот на мрежата на шпанскиот прволигаш Рајо Валјекано, а во средниот ред ќе играат Енис Барди и Тихомир Костадинов.
Натпреварот започнува во 20:45 часот.