МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИСПРАТИ 100 ВОЈНИЦИ ДА ПОМОГНАТ ВО СЛОВЕНИЈА Црвениот крст ги повика граѓаните да донираат
Црвениот крст на Република Северна Македонија ѝ понуди на Словенија помош од 5.000 евра, како и волонтери и тимови за соодветна интервенција кои зависно од потребите веднаш ќе бидат ставени во функција. Се очекува денеска Владата на седница да донесе одлука најрано утре да се испратат 100 војници кои ќе помогнат во расчистувањето на Словенија која ја погодија катастрофални поплави по силното невреме.
– Од првиот момент кога се случи несреќата во Словенија и поплавите стапивме во контакт и јас со мојот колега, премиерот, претседателот на државата и сите министри и ја понудивме нашата несебична поддршка. Од нивна страна ни беше одговорено дека штом ја направат анализата за тоа што им е потребно дека ќе бидат доставени барања и тие во текот на вчерашниот ден претпладне преку механизмот за помош и поддршка во вакви кризни ситуации и на НАТО и на ЕУ беа доставени барања. Затоа и веднаш вчера изреагиравме, претседателот на државата во координација со началникот на Генералштабот и со мене, се разбира. Денеска на седница на Влада ќе ја донесеме одлуката за упатување 100 војници од различен состав кои ќе одговорат на потребите на словенечката Армија и на словенечката држава – рече Петровска.
Министерката вели дека војниците се подготвени да заминат уште денеска.
– Во текот на попладнето заедно со началникот на Генерал-штабот ќе ги посетиме за да се увериме дека се подготвени и најрано утре наутро ќе заминат, а денеска во 12 часот на седница на Влада ќе ја донесеме и одлуката која што е формалниот дел од процедурата – вели Петровска.
Во врска со тоа дали се размислува за некој вид материјална помош, министерската вели дека ова е сѐ што досега е побарано.
– Побарани се и други технички средства, материјална техничка поддршка, за која што ние не сме во можност да одговориме, меѓутоа се разбира и во иднина ако се испратат барања на кои ќе можеме да одговориме ќе одговориме. Само како една информација, во барањето е наведено дека вкупно се бараат 200 војници, а Република Северна Македонија испраќа 50 проценти од побарувањата – додава Петровска.
За благодарноста што вчера Словенија ја упати до земјите кои ѝ помогнале преку фотографија, на која не беше и Северна Македонија, Петровска рече дека процесот тече и додаде дека во наредниот период сигурно и нашето знаме ќе биде на таа фотографија.
Црвениот крст изрази жалење и сочувство до Словенија и сите нејзини граѓани за загубите и штетите претрпени во поплавите. Црвениот крст на Македонија е во комуникација со Црвениот крст на Словенија. Црвениот крст на РСМ ги повика сите заинтересирани правни субјекти и граѓани да донираат парична помош.
Отворена е сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за настраданото население во Словенија.
Може да се донираат 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и А1.
За донации на средства во странска валута ова се податоците:
NAME OF THE ORGANIZATION: RED CROSS OF THE REPUBLIC OF NORTH MACEDONIAN
BANK NAME: KOMERCIJALNA BANKA AD SKOPJE
BANK ADDRESS: UL. ORCE NIKOLOV NO.3, 1000 SKOPJE, MACEDONIA
BANK ACCOUNT: 300000000000133 25730522-11
SWIFT CODE: KOBSMK2X
IBAN CODE: MK07300701000001228