Македонија е фатално дезорганизирано општество
Ние не успеваме да воспоставиме ниту дијалог што ќе се базира на размена на аргументи и контрааргументи (значи, дебата за вредности), а не можеме да предизвикаме ниту судир на улица. Кај нас, едноставно, сѐ се сведува на една комична јавна презентација на нашата културна дегенерација, на нашите простотилаци и стравови, на сето она што ова општество го прави фатално дезорганизирано и можеби веќе и несамоодржливо.
Дебатата за тоа дали кампањата за масовно вакцинирање против ковид-19 ги нарушува основните човекови слободи и права на граѓаните и дали отпорот кон вакцинацијата ги загрозува јавното здравје и индивуалните права на другите членови на заедницата, всушност, е дебата за тоа колку е македонското општество организирано и колку во оваа земја постои елементарен ред и поредок.
Социолозите за оваа тема расправаат најмалку сто години. Филозофите, пак, со векови. А одговорите никогаш не се ни еднострани ни едноставни.
Некаде кон средината на минатиот век, на пример, доминантна теза (барем во САД) е дека добро организираното општество обезбедува солидно прилагодување на заедницата, додека социјалната нерамнотежа и дезорганизацијата водат кон сериозни социјални проблеми (распаѓање на семејните вредности, разводи, алкохолизам, корупција, криминал итн). За љубопитните, ќе наведам дека теоријата на социјална дезорганизација се развива во Чикашката школа, а најпозната (иако никогаш доволно призната) претставничка е Мејбл Агнес Елиот, авторка на учебникот „Социјална дезорганизација“ (коавтор на трудот е Ф.Е. Мерил).
Теоријата на социјалната дезорганизација подоцна е критикувана, главно поради различните толкувања на начините на организирање на општеството и на воспоставување социјален ред. Имено, социјалниот ред во она време (во кое теоријата на Елиот и Мерил третира клучни проблеми на криминологијата и на пенологијата) е разбран и како обид за одобрување на насилството и на контролата како начини на справување со социјалните проблеми.
Инаку, критиките од тој аспект во извесна смисла се и лична неправда кон Мејбл Елиот, која дури во доцните педесетти ги добива заслужените признанија. Во годините пред тоа, таа, феминистка, активистка против војната и надарена авторка, цели 30 години е под истрага на ФБИ, а на Универзитетот во Канзас е изложена на сериозна дискриминација (нејзиниот професор Р.Е.И.Фарис, на пример, презема цели делови од нејзиниот учебник без било каква атрибуција). Нејзината плата е замрзната цели 18 години.
Пред да цитирам една за нас клучна мисла на Елиот и Мерил, ми се чинеше упатно да ја споделам со вас оваа долга дигресија. Како поука за секој што лесно и неодговорно се расфрла со зборовите слободи, права и дискриминација. И за секој што под поимот социјален ред подразбира само репресија и сегрегација.
Културна дегенерација
Значи, да преминеме на клучната теза. Oрганизацијата е состојба на постоење, состојба во која различните институции во општеството функционираат во согласност со нивните препознаени или имплицитни цели, велат Елиот и Мерил. Културната заостанатост (Сорокин зборува за „културна дегенерација“), конфликтните ставови и социјалните кризи водат кон дезорганизација на општеството. И кон последиците за кои веќе стана збор.
Македонија е во длабока општествена криза повеќе години, а пандемијата ја изостри до крајни граници. Ја направи видлива.
Дебатата на социјалните мрежи покажува дека дека македонското општество е во патолошка состојба на „културна дегенерација“ во секој поглед, до степен на анархично негирање на базичните сознанија на модерната наука и ерозија на сите другите кохезивни елементи во општеството (семејни вредности, пријателство и блискост меѓу луѓето, чувство на припадност кон заедницата, патриотизам итн).
Социјалните и политичките конфликти, пак, го разјадуваат македонското општество на начин што водат до негово дезинституционализирање и деструктурирање во најопшта смисла на зборот. Во многу ресори на животот, ние веќе и не сме општество, не сме ни племенска заедница, туку сме „организирани“ на ниво на орда.
Затоа сме неспособни да одговориме на пандемијата како глобален проблем. И на пожарите, на пример, како локален предизвик, иако и тој со глобална димензија.
И други општества покажуваат симптоми на дезорганизација, точно е тоа, но тие сепак успеваат да создадат системи на стимулирање на поведението на граѓаните во согласност со стандардите што ги поставуваат науката и технологијата, но и чувството на припадност кон заедницата. Да, понекогаш тоа се прави по цена на сериозни жртви на двете страни – на страната на „ваксерите“ и на „антиваксерите“, на пример – но и со разбирањето дека жртвите се неопходни ако треба да се преживее и ако организацијата е најдобриот начин да се постигне таа цел.
Таму каде што елементараниот општествен ред во интерес на јавното здравје не може да се воспостави како резултат на организацијата на општеството, таму гледаме сцени на анархија и насилство. При што, да се разбереме, силите на кои демократски им е дадено правото да раководат со државниот репресивен апарат (барем до првите следни избори) дефинитивно ќе ги поразат силите на отпорот. Се согласувам, тоа баш и не е некоја „општественост“ за фалење, но е неизбежен одговор на кризата која секојдневно одзема илјадници животи.
Ние, меѓу „своите“ и „туѓите“
Ние во Македонија не успеваме да воспоставиме ниту дијалог што ќе се базира на размена на аргументи и контрааргументи (значи, дебата за вредности), а не можеме да предизвикаме ниту судир на улица. Кај нас, едноставно, сѐ се сведува на една комична јавна презентација на нашата културна дегенерација, на нашите простотилаци и стравови, на сетоа она што ова општество го прави фатално дезорганизирано и можеби веќе и несамоодржливо.
И кризата со пожарите го покажа тоа. Невидена дезорганизација, неспособност, популизам, поткопани институции, разорени системи… Тоа сме ние. И порано не сме биле кој знае што, но паметам јас и подобри времиња. Многу подобри времиња. Никогаш не сме биле вакви никакви!
И да ви кажам право, веќе немам желба никого да обвинувам за тоа. Гледам, нема кој не се обиде во овие кризни времиња да ја отфрли сопствената одговорност, да ја скрие сопствената неспособност, да спечали политички поени на туѓа мака, да одглуми некакво лидерство. Цела една генерација политички профитери.
Збурбатено ми е, ама веќе не од нив, туку од нас, од сите нас што го трпиме тоа. Бидејќи и ние сме за никаде. Дури и тогаш кога гледаме дека општеството пред очи ни се распаѓа, ние пак навиваме, за „своите“ и против „туѓите“. И без трунка помисла за тоа кој за што реално е одговорен и каде е неговото вистинско место во дизајнот на едно нормално, организирано општество.
Во таа смисла, сите сме страшно површни, сите ние сме Стојанчиња, сите кршиме керамиди со глава мислејќи дека правиме нешто добро и морално. И згора лажеме дека од голема грижа за „државата“, не јадеме и не пиеме еве има веќе десет дена…
А што ќе ни е општество?
Ги гледам австрискине волонтери и се прашувам – што имаат тие, што немаме ние?
Добро, тие имаат модерна техника. Ама техника се купува. И „мерцедес“ од 600.000 евра се купува. И ергели модерни аута за владините совстеници и за сите селоначалници. Во ред, тие се Австријци и добро се платени. Е овие баш не се, волонтери се. Не, тие просто имаат желба да помогнат, веруваат во она што го знаат и одлично се организирани. Толку е просто. И нормално е што се такви, бидејќи доаѓаат од едно организирано општество. Од општество во кое „едно“ ѓубре се фрла во шест посебни контејнери.
Со што можеме ние да им се пофалиме на Австријците? Со тоа дека сме СДСМ или ВМРО и дека на маса очи си вадиме. А под маса… Со тоа дека кај нас политичари гасат пожари кога ќе им изгори рејтингот, а цело време палат огнови во душите на луѓето. Ах, да – и со тоа дека успешно се бориме за сите наши слободи и права, вклучувајќи го и правото на бесплатен огрев, она што ќе остане од опожарените шуми.
Австријцине нѐ гледаат и сигурно си велат – леле, колку им е интересен животот на овие луѓе! Ни завидуваат, кутрите…
А врв на нашето „цивилизирано“ сфаќање на слободата и на демократијата е што на крајот на денот никој не може и нема да нѐ спречи невакцинирани да изграме на свадба и да се дружиме во кафеана. И да заразиме други луѓе. Таму некои други луѓе, кои можеле, ако сакале, да си го искористат своето право да се вакцинираат, кој им е крив.
Никој нема да нѐ спречи, па ни нашата култура што ја немаме. Ниту нашата совест што сме ја скриле под перница. Дури ни стравот дека дома ќе го донесеме убиствениот вирус. Стравот, кој е тука, ама… Ама нам никој ништо не ни може, ние сме појаки од судбината!
Што ќе ни е тогаш општество?