МАКЕДОНИЈА Е ДЕЛ ОД ЕВРОПСКОТО СЕМЕЈСТВО Калас порача дека е клучно земјата да продолжи по патот кон ЕУ
Високата претставничка на надворешната и безбедносната политика на ЕУ, Каја Калас, изрази задоволство од посетата на Скопје, нагласувајќи дека Македонија беше првата во регионот што воспостави партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ и прва што почна да ги користи придобивките од Планот за раст за Западен Балкан. Таа порача дека земјата припаѓа на европското семејство и истакна дека е од суштинско значење да се продолжи со евроинтеграциите.
Високата претставничка на надворешната и безбедносната политика на ЕУ, Каја Калас, по посетата на Скопје, порача дека Македонија припаѓа во европското семејство и дека е од клучно значење да продолжи напред по патот кон Европската Унија.
„Задоволство ми е што сум во Скопје. Северна Македонија беше првата земја во регионот што потпиша партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ и прва што почна да ги користи придобивките од Планот за раст за Западен Балкан. Таа припаѓа во нашето европско семејство. Сега е клучно да се продолжи по патот кон ЕУ“, објави Калас на нејзиниот профил на платформата Икс.
Изјавата на Калас доаѓа во време на засилени дипломатски активности околу евроинтеграцијата на Македонија. За време на нејзината посета, во Скопје се одржа првиот Дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија – историски чекор со кој земјата го зајакна своето позиционирање како кредибилен партнер на Унијата и како членка на НАТО.
Покрај тоа, премиерот Христијан Мицкоски испрати јасна порака до Брисел, барајќи „почесна, поотворена и појасна потврда од ЕУ“ за европската перспектива на земјата, при што го поздрави партнерството со Унијата.
Во тој контекст, Мицкоски предложи можност за организирање средба меѓу македонските и бугарските лидери под покровителство на НАТО и со присуство на претставници од ЕУ и САД, со цел да се најде излез од долгогодишниот спор кој ја блокира европската агенда на државата.
Пораката на Калас се смета за силен сигнал на поддршка од Брисел, кој може да придонесе кон ново раздвижување на евроинтегративниот процес, особено во пресрет на политичките иницијативи за деблокада на патот кон Унијата.
A pleasure to be in Skopje.
North Macedonia was the first in the region to sign security and defence partnership with the EU — and the first to benefit from our Growth Plan for the Western Balkans.
It belongs in our European family. Now it’s essential to proceed on the EU path. pic.twitter.com/qFZI8ROFlk
— Kaja Kallas (@kajakallas) May 23, 2025