МАКЕДОНИЈА ЌЕ ЈА ЗАЈАКНЕ ПРОТИВВОЗДУШНАТА ОДБРАНА Се планираат големи инвестиции во АРМ
Државата годинава влегува во фаза на преговори со стратешкиот партнер (САД) и со други држави за нова опрема, пред сè, за противвоздушна одбрана, рече министерот за одбрана Мисајловски.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски најавува проекти за подобрување на условите и капацитетите на одбраната истакнувајќи дека државата годинава влегува во фаза на преговори со стратешкиот партнер и со други држави за нова опрема, пред сè, за противвоздушна одбрана.
– Мораме да вложуваме, особено гледајќи што се случува на Блискиот Исток и другите жаришта, не смее да се заборави и Украина, каде што постојано се војува. Да гледаме ние што повеќе да се организираме затоа што наративите и од Балканот се такви какви што се, но ние да си вложуваме кај нас, да градиме пријателства, да бидеме спокојни и цврсти како Влада, да бидеме стабилни – рече министерот Мисајловски во интервју за ТВ „Алфа“.
Мисајловски потенцира дека многу е важно да имаме стабилен амбиент и стабилна политичка гарнитура и тоа да биде добар показател за дополнително вложување, како што вели, се разбира во мирна состојба.
Набавките што ги најавува вели дека ќе чинат милиони евра и ќе се спроведат во транспарентна постапка.
Како што информира, по минатогогишните набавки за хигиена, нови униформи, нови чизми… сега се прави набавка од половина милион евра за реновирање и реконструкција на објекти.
– Дали може наеднаш сè да се направи, сите капацитети, да, јас би сакал најмногу од сите. Дополнително, ќе вложиме во секој објект, во секоја касарна, еве деновиве ќе имаме состаноци за дополнителни објекти во самото Министерство, нови системи, нови средства за сајбер-опрема итн. Седумнаесет се само оние што се дел од поголемата инфраструктура, ќе бидат многу повеќе – најави Мисајловски.