МАКЕДОНИЈА ДА ПРОГЛАСИ МОРАТОРИУМ НА УЦЕНИТЕ ОД ЕУ И БУГАРИЈА Милчин вели дека ништо не е итно, но дека ќе има постојан притисок

Ми се крева косата на главата кога ќе ги чујам ваквите ултиматумски пораки. Итноста на промените, кои стануваат уцена, Западот ги бара експресно. Но, тоа не значи дека членството ќе биде експресно. Всушност, спротивно. Дури и кога би прифатиле сѐ од бугарските барања, процесот ќе трае долго, можеби нема ни јас да го дочекам, вели Милчин за изјавите на Рот дека уставните измени во Македонија се ургентни.

1,885

Неприфатливи се барањата на ЕУ и Бугарија, тие се уцени, ултиматум и Македонија треба да прогласи мораториум на овој процес, да се замрзне процесот, вели режисерот и активист и познат општественик Владимир Милчин во гостување на ТВ24. Според него, „ова ќе се вози и ќе има постојан притисок“.

Но, како да се прогласи мораториум со ваква власт и ваква криза, гласеше следното прашање во дискусијата.






– Прашање е каква е волјата на политичарите. Тука е болеста. Спремноста да се прифати сѐ од Бугарија. Тука е коренот на злото. Криминалот на власта и криминалот на опозицијата. Имаше пред некој ден невреме во Скопје? Видовме колку е нашата централна и локална власт способна да се справи со ваквите ситуации – подвлекува Милчин.

Тој ја коментираше неодамнешната изјава на Михаел Рот дека уставните измени се „ургентни“, велејќи дека не се ургентни, односно дека се лажно итни.

– Ми се крева косата на главата кога ќе ги чујам ваквите ултиматумски пораки. Итноста на промените, кои стануваат уцена, Западот ги бара експресно. Но, тоа не значи дека членството ќе биде експресно. Всушност, спротивно. Дури и кога би прифатиле сѐ од бугарските барања, процесот ќе трае долго, можеби нема ни јас да го дочекам.

Според него, не е решение ни идејата на Макрон и други ЕУ-челници за европска „втора лига“, односно европска геополитичка заедница.

– Ќе почекаме кога ќе ја направите новата заедница. Точно е дека некои ЕУ политичари зборуваат дека треба да се укине правото на вето. Меѓутоа, тоа е нешто што ќе биде во некоја иднина – објаснува Милчин.

Тој се согласува дека историската комисија ќе потклекне на барањата на Бугарија според начелниот договор на двете земји рок за година-две да се расчистат овие прашања.

– Тие се во состојба да мораат да испорачаат. Не очекувам таму силен отпор на ултимативните барања. Тоа што го бара Бугарија не е само надвор од европските вредности, туку надвор од цивилизацијата – објаснува Милчин.

За него, ниту опозицијата не постапила правилно во однос на процесот. Тој го коментираше референдумот.

– Сегашната ситуација е ова. Ние сме уценети. Притоа не сум сигурен…јас бев просто…Не може да се криткува, а потоа да не се гласа. Тоа го направи ВМРО. Критикуваа, свиркаа, врескаа, како попчиња си отидоа. За да не бидат забележани – вели Милчин посочувајќи дека опозицијата тргува и ги чува гласовите во фиока за секој случај.

На прашањето за мистериозното руско влијание во Македонија и како тоа се надоврзува на кризата Милчин истакнува:

– Политичарите не чепкаат во тоа да го откријат, да го прецизираат руското влијание. Тоа е од страв. Од грижа за фотелјата.

Потоа разговорот се осврна на глобалната ситуација, војната во Украина и моралот на светските и на домашните политичари, за тоа дека зборот „демократија“ изгубил значење во Македонија, но и пошироко.

– Во овој денешен свет не треба ништо да нѐ изненадува. Сѐ е можно. И сѐ ќе помине. Ќе има малку џафкање, бамбара-бумбара и толку. Живееме во свет кој има комплетно изгубено секаква ориентација – заклучува и прогнозира Милчин.

 

Поврзани содржини