МАКЕДОНИЈА ЧЕКОРИ КОН ЕУ ПРЕКУ ДОМАШНИ РЕФОРМИ СО ЕВРОПСКА ПОДДРШКА Досега има добиено 1,25 милијарди евра претпристапна помош од ЕУ
Овие податоци за досегашната поддршка само потврдуваат дека Европската Унија останува целосно посветена на Северна Македонија - преку финансии, експертиза, партнерство и заеднички вредности.
Од 2007 година досега, Северна Македонија има добиено над 1,25 милијарди евра претпристапна помош од Европската Унија што дополнително ги зацврстува партнерството и европската перспектива. Овие инвестиции претставуваат темел врз кој се градат стабилноста, институционалната зрелост и перспективите за идното членство, соопшти Владата.
Исто така, според податоците, Северна Македонија добила 502,1 милион евра грантови од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), во периодот 2008-2025: 467,5 милиони евра како инвестициски грантови и 34,6 милиони евра за техничка помош. Овие грантови се наменети како поддршка за инвестиции од 3,8 милијарди евра во железничкиот и патен транспорт, обновливата енергија, гасната и електроенергетска поврзаност, енергетската ефикасност, водоснабдувањето и санитарните системи, управувањето со отпад, како и здравствените, образовните и правосудните објекти.
Во периодот од 2021-2024, земјата имаше корист од десет водечки инвестиции во рамки на EIP, насочувајќи значајни 973 милиони евра кон одржлив транспорт, чиста енергија, пречистување отпадни води и управување со отпад. Инвестициската рамка за Западен Балкан придонесе со 300,5 милиони евра грантови за овие инвестиции, од кои 296,7 милиони беа финансирани преку фондовите IPA, а 3,8 милиони од билатерални донаторски фондови.
Поддршката од ЕУ е катализатор што ги забрзува реформите, ги зајакнува институциите и создава стабилност во време на глобални предизвици. Но вистинскиот успех зависи од заедничката работа, предвидливите политики и доследното усогласување со европските стандарди. Овие податоци за досегашната поддршка само потврдуваат дека Европската Унија останува целосно посветена на Северна Македонија – преку финансии, експертиза, партнерство и заеднички вредности.