МАКЕДОНИЈА ЧЕКА ЕВРОПСКИ ПАРИ ДА ВОВЕДЕ СИСТЕМ НА РАНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА ИСЧЕЗНАТИ ЛИЦА Има иницијативи, но доцниме зад Србија
Невладината организација Новинари за човекови права и Центарот за управување на кризи развиваат паралелни системи за рано предупредување, од типот на „Amber alert“. На проектот на невладините активисти му недостасува соработка со многу субјекти, а проектот на ЦУК чека на пари од програмата ИПАРД 3.
Македонија сака да биде дел од европскиот систем за рано предупредување на исчезнати деца „Amber alert“. Веб-страницата „najdime.org.mk“, преку која ќе се алармира за секое исчезнато лице во земјава, а особено за децата, дело на невладината организација Новинари за човекови права под проектен менаџмент на фондација од Австрија, е еден таков обид. Но, нашата земја допрва треба да се подготви за систем каков што пред неколку дена беше пуштен во употреба во Србија, кој за прв пат е воведен во САД и се користи уште во 30 други земји.
Кога се активира системот за исчезнување на малолетно дете, граѓаните на Србија се известуваат со СМС порака, со прекин на телевизиски и радио преноси, со известувања на автопати, на аеродроми, на автобуски и на железнички станици. Доколку имаат информации за детето, граѓаните можат да пријават во полиција на бројот 192. Кога ќе се активира системот, медиумите се должни да ги прекинат телевизиските и радио преносите за да го пренесат соопштението на полицијата. Во првите 24 часа по активирањето, тие ќе бидат обврзани да го емитуваат истото соопштение на секои половина час, а потоа на секој час во следните 48 часа.
Се чекаат европски пари за да се надгради системот
Македонија, засега, нема таков ефикасен систем. Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, за Плусинфо вели дека уште од кога е воспоставен бројот 112, тој се залага за негова надградба за итно информирање на граѓаните за одредени природни непогоди, а истиот ќе може да се користи и за исчезнати деца.
– Системот „cell broadcasting“ за праќање масовни пораки за одредена локација или за целата територија, како и за споделување на пораките преку социјални медиуми, телевизиите и на интернет порталите, би можел да се користи и за споделување информации за исчезнати деца. За ваков систем ние имаме веќе аплицирано до ИПАРД 3 програмата на ЕУ. Поради енергетската криза, не ни беа одобрени средства, но очекуваме до 2024 година да добиеме – вели Ангелов.
Со надградбата на системот, ЦУК само ќе има надлежност да ја пренесува информацијата за исчезнатите деца, а МВР ќе го активира.
– Пријавувањето на исчезнато дете е сензитивна работа. Не може туку така некој да пријави и да почне потрагата. Често тоа се случува со деца на разведени родители, едниот родител ќе го земе да го види или да прошета со него, а другиот ќе го пријави во полиција. Поради тоа има специјално одделение при МВР кое утврдува кога одредено лице или дете се прогласува за исчезнато. По пријавата, одлуката за активирање на системот ќе ја носи МВР, а ние со новиот систем ќе ја информираме јавноста преку СМС пораки, преку телевизиите, радио-станиците и секаде каде што ќе може да се прошири веста за побрзо наоѓање на детето – додава директорот на ЦУК.
Што работат активистите на Новинари за човекови права?
Според статистиката на МВР, во Македонија од 2020 година до 27.10.2023 година, пријавени се 75 исчезнати малолетни лица, а пронајдени се 65.
– Сè поголем број деца исчезнуваат и не можат да се следат, што е тренд на модерното општество, а некои стануваат жртви на насилство, експлоатација и трговија со деца. Главните причини за трговија со луѓе се интензивираа за време на пандемијата со ковид-19: сиромаштијата, невработеноста и семејното насилство, а маргинализираните групи, како што се Ромите, се особено изложени на ризик да бидат тргувани. За време на пандемијата, бидејќи повеќе деца за прв пат добија пристап до дигитална комуникација и електронска опрема. Поради недостиг на знаење во справувањето со дигиталните медиуми и други фактори на ризик, опасноста да бидат злоупотребени или регрутирани за трговија со деца е значително поголема за децата од маргинализирани групи како што се Ромите – вели Александра Радевска, проект-менаџер од невладината организација „Новинари за човекови права“.
Системот за рано предупредување што го развива оваа невладина организација може да испрати порака или апел за одредено исчезнато дете до нивните партнери, со цел побрзо да се алармира јавноста за негово пронаоѓање.
– Многу е важно да се спомене дека без пријава во полиција ништо не може да се прави, бидејќи законски не е овозможено, бидејќи сепак се штитат правата на децата и правата на родителите. Наша цел е да потпишеме меморандуми со повеќе јавни претпријатија, компании, трговски центри и преку нивните дигитални екрани да се споделуваат овие апели – објаснува Радевска за Плусинфо.
Таа објаснува неколку примери како тоа би функционирало во иднина. Доколку тие остварат соработка со некоја банка, во моментот кога ќе одите на банкомат да извадите пари, веднаш на мониторот ќе се појавува информација со слика и основни податоци за исчезнатото лице. Истото очекуваат да се случи доколку бидат вклучени и јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, такси-компаниите, хотелите и сите оние места каде има поголема фреквенција на луѓе и од каде може да се добие соодветна информација за исчезнатото лице.
Како се пријавува исчезнато дете во МВР и како се креира профил на интернет?
Пријава за исчезнато лице (дете) се поднесува во полициска станица од општа надлежност по место на исчезнување на лицето, од страна на родител/старател на исчезнатото лице, одговорно лице од дом за деца без родители, или старател од дом-семејство каде е згрижено лицето.
Во случај ако лицето не е згрижено во некој од погоре наведените случаи, исчезнувањето на истото може да го пријави и близок роднина или друго лице кое го познава исчезнатиот.
– Потрагата по исчезнатото лице се објавува на локално или централно ниво во зависност од информациите каде би можело да се наоѓа исчезнатиот, а во одредени случаи се распишува и меѓународна објава. По пријава за исчезнато лице, МВР веднаш постапува. Во зависност од информациите со кои располагаме, причините за исчезнување, местото на исчезнување, неговото движење, дали лицето имало намера да ја напушти државата итн, се распишува локална или централна објава, а по потреба и меѓународна објава за потрага по исчезнато лице – велат од МВР за Плусинфо.
На интернет страница najdime.org.mk може бесплатно да се креира профил за исчезнати лица. По внесувањето на податоците, автоматски се генерира слика, која може да се искористите за поддршка на полициската потрага. По желба, профилот на исчезнатите лица може да се објави и на нивната Фејсбук страница, Инстаграм и веб-страница. На крајот податоците на подносителите ќе бидат проверени од администратор, а потоа објавени. Администраторите предупредуваат дека пред да се креира профил за исчезнати лица, мора да е поднесена пријава во полициска станица!
