Македонија цела една изборна единица да е, секој да ја знае!

Со ова губат СДСМ, ВМРП-ДПМНЕ и ДУИ, но државата и демократијата добиваат, рече премиерот Зоран Заев откако денеска во Собранието беше поднесен Предлог-закон со којшти се предвидува земјава да биде една изборна единица.

564

Пратениците од Деморатски сојуз, Левица, ВМРО-НП, ЛДП и СДСМ до Собранието денеска поднесоа Предлог-закон за измени и дополнувања на Изборниот законик, со којшто се предвидува земјава да биде една изборна единица на следните парламентарни избори наместо шесте изборни единици во коишто досега се бираа пратеници.

Ваквиот предлог наиде на одобрување кај премиерот Зоран Заев, кој посочи дека со воведувањето една изборна единица ќе се унапреди демократијата и ќе им се даде шанса за рамноправност на помалите партии.






– Ние сме за една изборна единица. Тоа е унапредување на демократијата и давање шанса на помалите партии, особено, посебно што во државата покрај помали политички партии, имаме и политички партии со етнички признак. Со ова губат СДСМ, ВМРП-ДПМНЕ и ДУИ, но државата и демократијата добиваат. Традиција во нашата земја е дека секогаш се прават напори заради рамноправно учество на сите во изборен процес, Изборниот законик да се носи по пат на консензус – рече премиерот Заев.

Тој додаде дека има некакви сигнали дека и опозициската ВМРО-ДПМНЕ би разговарала за ова прашање.

– Испраќам порака да се седне и да се разговара. Да го прифатиме тоа што помалите политички партии го бараат. Ред е да седнат ВМРО-ДПМНЕ и да се изјаснат со свој став и ако направат подобри проценки, калкулации, верувам дека можат да изградат и позитивен став. Секако тоа останува на нив. И ДУИ се крши, не знаат дали да прифати, дали не, но дефинитивно верувам дека на крајот сите имаме должност за демократијата да направиме еден исчекор повеќе и сега тоа го носиме за изборите во 2024 година – рече Заев.

Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, вели дека со новите измени дефинитивно ќе се демонтира еднопартиското владеење во државава.

– Се предвидува Македонија да биде една изборна единица, да остане пропорционален модел, да нема изборен праг, и пресметката на пратеници да се одвива преку Донтовиот количник. Ако се обединат сите пратеници кои не сме од големите партии, тогаш може да се заврши ово јпроцес успешно. Доколку законот дојде во втора фаза, тогаш во него ќе се вгради и предлогот за соодносот мажи-жени да биде 50:50 – рече Трајанов.

И пратеникот Панчо Минов го искажа ставот на СДСМ, посочувајќи дека ова прашање за една изборна единица е дел од ветувањето на владејачката партија и дел од владината програма.

– Важно е што повеќе партии да бидат застапени во Собранието, а исто така не треба да се занемари и родовиот сооднос, како и застапеноста на етничките заедници. Тие да бидат со една сериозна бројчаност застапени во Собранието – рече Минов и апелираше измените да бидат донесени со консензус.

Пратеникот Димитар Апасиев од Левица истакна дека неговата партија се приклучува кон оваа иницијатива за една изборна единица, и рече дека ќе ја поддржат без разлика на предлагачот. Според нивните пресметки, Левица на минатите парламентарни избори била оштетена со тројца пратеници.

Поврзани содржини