Македонија – бумбар превртен на грб

Македонија, во својство на егзекутори, ја ничкосуваат 2 + 1 партија. Нивните сателити не се партии. Три децении, кога се на власт, тврдат дека „таа граби напред како најбрза локомотива“. Кога се во опозиција велат дека „никогаш не било полошо“. Кога ја зграпчуваат власта, и без исклучок, ја партизираат и ја депрофесионализираат јавната администрација, тоа го нарекуваат „реформирање“.

14,978

Неретко може да видите бумбар, како и некои други крилести инсекти, превртен на грб. Лета, брмчи и, одненадеж, се струполува на земја превртен со нозете угоре. Мрда со кратките нозе. Се обидува да ги отвори крилцата, но тие му се блокирани од сопствената тежина. Ако некој не го исправи на нозе, набргу ќе се умори и престанува да прета. Врз него се сјатува рој мравки – никнувајќи „од никаде“. Тие пак, токму како мравки, се обидуваат да го одвлечкаат како храна, доколку некоја долгоклунеста птица, претекнувајќи ги, не го проголта целиот. Се чини, како бумбарите во својот организам да имаат некоја природно вградена „аеродинамичка грешка“, која често ја плаќаат со предвремено губење на нивниот и онака краток живот. Македонија, односно ние во неа, со тоа што постојано ни се случува, како да сме создадени со слична „аеродинамичка грешка“, па иако спаѓаме во родот на „свесни суштества“, никако да ја отстраниме. Нетурнати од никого однадвор, туку ете нѐ, како превртен бумбар кој прета, неспособен да се исправи, сѐ додека некои „надворешни брзораспоредувачки сили“ не дојдат на помош. Ќе нè подисправат малку, ќе направиме, божем, некој чекор напред и, ете нѐ, повторно превртени на грб. Така е тоа во речиси сите овие три децении.

Кој ја ничкоскува Македонија? 






Македонија, во својство на егзекутори, ја ничкосуваат 2 + 1 партија. Нивните сателити не се партии. Три децении, кога се на власт, тврдат дека „таа граби напред како најбрза локомотива“. Кога се во опозиција велат дека „никогаш не било полошо“. Кога ја зграпчуваат власта, и без исклучок, ја партизираат и ја депрофесионализираат јавната администрација, тоа го нарекуваат „реформирање“. Кога истото го прават конкурентите (противниците), тоа е полнење на администрацијата со партиски дембели. Кога самите го зголемуваат јавниот долг, тоа е во име на процутот на Македонија; кога тоа го прават противниците, тоа е извор за крадење и движење кон банкрот. Кога бесрамно ги местат тендерите за пријатели, потоа ги доделуваат на „инстант“ формирани фирми зад кои стојат тие самите, определувајќи си неподносливо високи цени за наплата од Државата, тврдат дека „сѐ било според Уставот и законите“; кога се во опозиција, истото направено од противникот е резултат на голема корупција. Во својство на опозиција бараат независно судство; во улога на власт не може, ни случајно, во нивните „тефтери“ да се најде некоја доблесна и професионална фигура.

Инаку, кој ќе потврди дека крадењето било корисна инвестиција за народот. Кога пред избори, и едните и другите, во својство на власт ги покачуваат пензиите, забрзано исплатуваат субвенции за земјоделците, премии за тутунарите, зголемуваат издатоци за социјална помош, финансиски им „помагаат“ на медиумите, велат дека тоа се мерки за развој на земјоделието, за заштита на животниот стандард, за борба против сиромаштијата итн. Кога се во опозиција, и едните и другите, велат дека е тоа подмитување на избирачите. Иако, најчесто, имале доволно убедливи мнозинства во Парламентот, вината за нестореното секогаш е во опозицијата. Екстремно се успешни во блокирањето на политичкиот процес и суспендирањето на уставниот поредок. Бидејќи сами го блокираат – сами не можат да го деблокираат. Така, единствен излез станува помошта од екстерните „брзораспоредувачки сили“. Кога тие ќе долетаат со „дигалките“ за да му помогнат на „бумбарот“ кој повторно го ничкосале и кога бесрамниците буквално ќе бидат присилени на некаков компромис, тоа, речиси секогаш е на штета на јавните пари и со решенија кои главно значат продавање фикции за стварност.

На пример, после тешки рововски битки, ја изнедруваат Катица Јанева, чиниш ја барале и извлекле од длабоките простори на адот во кој никогаш не допира сонце, како перфектно нивно образовно и етичко алтер-его; изнедруваат, на „голема радост“ на народот, судство во судството; изнедруваат „противничка влада во владата“, според системот „очи што контролираат очи“, или разбојничка тајфа што надгледува друга разбојничка тајфа, всушност, за да си ја блокираат работата пред секоја можна промена на власта, зашто „матикашата“ не може да му верува на „матикашата“. И, така, заедно со, барем, тримесечните церемонии од распишување на избори до формирање на нова влада, се арчи најмалку половина од изборната година во која треба нешто и да одработат. Кога одлучуваат, наводно, да дотурат „свежа крв“ во задреманите, безидејни, по итна постапка дискредитирани тимови во очите на јавноста, ги освежуваат со искуствата и знаењето на, на пример, на Нина, Бектеши, Афие….; со советници од балканското подземје; со потврдени криминалци од претходни учества во власта кои, всушност, се парадигма за критериумите на луѓето што ја претставуваат власта, или за власта како критериум за сите нас во општеството. Значи, де факто, дефектот на „бумбарот“ се лечи со додавање нови дефекти.

Погоре реков дека „во својство на егзекутори“ одговорни за ничкосување на „бумбарот“ се „двете плус една“ партии. Зошто „во својство на егзекутори“? Затоа што тие се, нели, само изнајмени од народот да работат во име на народот. Но, и покрај тоа што се однесуваат се полошо, кадровски се сѐ поиспостени, етички се сѐ поруинирани, сѐ подлабоко се потонати во глибот на корупцијата, изнајмувачот повторно ги изнајмува. Но, тоа е посебна тема.

Како заглавивме сега?

Како и секогаш, опозицијата бараше предвремени избори. Овој пат тоа беше Мицкоски, кој откако се покажа како „голем другар“ во одбрана на криминалците од своето јато, соопшти дека сака побрзо да стане премиер. Посака предвремени избори – тема за која, како партија, објавија безброј соопштенија, и индивидуално, дадоа исто толку изјави. Иако, јас верувам дека тој, во тој период, повеќе блефираше отколку што вистински сакаше предвремени избори. Заев, веднаш по тргнувањето на пат за реализација на партиската програма – со која ветуваше изградба на „општество за сите“, „правда за сите“, „криминалците во затвор“, „враќање на средната класа“ „зафаќање од богатите и насочување кон сиромашните“ – покажа дека неа, уште со првите поминати километри, некаде ја загубил. На крајот, криминалците победија со пет спрема нула. И богатите победија со пет спрема нула, не заборавајќи дека дел од нив се и едното и другото. Првите против чесните, вторите против сиромашните. Двете групи го победија „општеството за сите“. И, за тоа не им требаше посебен напор.

Заев, наместо да остане со и во духот на „шарената револуција“ – која, со оглед на карактерот и бројноста на злоделата на гарнитурата на Груевски мораше да биде и пожестока и помасовна, но сепак беше најдоброто манифестирање на homo politicus Macedonicus во трите децении по осамостојувањето – брзо се сојузи со двете категории спомнати погоре, или пак секогаш бил дел од нив, како што целата негова партија е одамна дел од тој сојуз, со статус на неопределено време, до замената со ВМРО-то. Да не заборавиме, дел од ваквиот сојуз секогаш претставува и православното и муслиманското високо свештеништво – како прислужник и корисник – кој, наместо да се бави со религија се бави со идеологија и тоа со онаа, за која незаборавниот Душан Радовиќ велеше: „Убаво е да се умре за идеја, особено ако од неа добро се живее“.

И, ако графички, или во вид на цртеж, се обидеме да ја прикажеме пирамидата на моќта и владеењето во македонското општество, дилеми нема: на врвот (шпицот) – капиталот; него, со испружени раце цврсто го држат најбогатите, највештите криминалци, најтесниот свештенички врв и рацете на раководствата на СДСМ и ВМРО, последниве со статус на определено време (зашто наизменично се менуваат) и бездруго, заседнатото раководство на ДИУ за кое 16 години нема замена. Под сите нив, се знае: огромна површина исполнета со сѐ поиспразнети дојќи за цицање на кои, со дебели црева, е поврзана наведената група. Тоа е таа коалиција која, без сомнение, целата наша држава ја претвори во свој одбор за остварување на нејзините интереси. Сѐ друго е театар за „моќните-немоќни“ (Вацлав Хавел) на кои никако да им текне дека се тоа. Продолжувањето и на „новиот“ СДСМ со тој сојуз, неговото сраснување со интересите на таа група, е причината што и овој пат рејтингот на СДСМ, по фантастичната шанса, не се одлепи од оној на претходно до гуша корумпираната ВМРО-ДПМНЕ, партија чии убедливо најголеми „дострели“ остануваат ограбувањето на земјата, држењето на државата подалеку од посакуваните интеграции со светот, патолошкото истерување вештици – секогаш јавајќи на етно-националистичкиот коњ и на најдекадентниот од сите декадентни парохијализми.

Успехот во врска со НАТО членството и возобновувањето на процесот со ЕУ, ни оддалеку не беа доволни да ги задоволат граѓаните на Македонија, при сѐ друго, главно доживеано и видено како реплика. И, кога се случи важното членство во НАТО, а Европејците во првиот случај „го излажаа“ Заев, тој, неверувајќи дека може до крајот на мандатот да го поправи рејтингот на СДСМ, одлучи да го искористи поенот со НАТО и сентиментот на незаслужено измамен од ЕУ. Затоа се одлучи за предвремени избори, наводно задоволувајќи му го и барањето на Мицкоски. Значи, калкулациајта на Заев, а не желбата на Мицкоски, одлучија да се распушти Парламентот. Но, пред тоа, во функција на одлуката за предвремени избори (и истите калкулации) го смени дотогашниот министер за финансии. Ја ископа од никаде „полетната и искусна“ Нина, на која не ѝ беше тешко да бара поништување на само неколку месеци пред тоа усвоените решенија решенија за дел од даноците – со кои воведоа барем некакви прогресивни даночни стапки – и со која подготви буџет и измени на буџетот според познатиот предизборен популистички терк на Груевски. Тоа, со претходниот министер, секако немаше да му оди толку лесно. Но, „ѓаволот не ора ниту копа“.

Се појави опасната пандемија ковид-19. И сѐ се поремети. Сега таа стана важен фактор за добивање и губење избори: справувањето со неа и амортизирањето на економското стрмоглавување. Пандемијата, од таа причина произведената економската криза, многу поопасна од првото, како и веќе распуштениот Парламент, партијата со придавката „национално“ во нејзиното име не сакаше да ги пропушти како прилика да биде уште еднаш голем фактор во ничкосувањето на „бумбарот“.

„Сакавме брзи избори, но сега не сакаме“ – „го сакаме здравјето на граѓаните“. Всушност, проѕирно до болка, „загрижениот“ за здравјето на народот, сака да избледне ефектот од поделените пари на граѓаните и фирмите во предизбориево, економските последици од кризата уште повеќе да се зголемат и тогаш сигурно ќе биде согласен да оди на избори. Тоа е суштината на шлајфувањето на „прецизниот“ Мицковски.

Зошто, сепак, неуспех во битката со пандемијата?

Здравството, едноставно, не можеше да испорача повеќе од испорачаното. Причините не се непознати.

Прво, како што сите знаат, до самиот почеток на пандемијава јавното здравство беше еден од најкритикуваните потсистеми во општествово. Јавноста го сметаше за високо корумпирано,  партизирано и запоставено; со застарена технологија и недоволна медицинска опрема, со стандарден недостиг од лекови, со кусоци од најелементарни средства за дезинфекција и хигиена, со демотивирани вработени, кои секојдневно заминуваат во странство, со „мој термин“ кој пациентите, за одделни услуги, го чекаат со месеци, а некои од нив и до заминувањето на оној свет. Систем во таква состојба не може преку ноќ да се трансформира во „оптимален систем“.

На почетокот, со речиси сите ресурси насочени против пандемијата и со ентузијазмот на еден дел од медицинскиот персонал, сервираната пропагандна доза дека „сè е под контрола“, некако поминуваше во јавноста. Тогаш помалите бројки на заболени и смртни случаи се коментираа со големо задоволство во компарација со други држави, иако такви беа најмалку поради „добриот одговор на нашето здравство“. Ако таканареченото „држење социјална/физичка дистанца“ функционираше уште поригорозно, „добриот одговор“ на здавствениот систем ќе изгледаше уште поуверлив. Но, одржувањето на социјалната/физичката дистанца, клучна за контрола на ризиците од оваа „чума“, не е дел од капацитетите на здравстениот систем, туку варијабла што зависи од способноста на други институции и културата на потенцијалните пациенти.

Нашето општество, и здравството, одамна го водат или некомпетентни, или брутално нечесни, или и едното и другото.

Кога не би биле такви, би знаеле дека „здравјето“ не може да се третира како и секоја стока за пазар. Имаш пари, купи го, немаш пари, умри. Би знаеле што е тоа комодификација на здравјето, која ја форсираат екстремните неолиберали, со сите последици од тоа, која во нашево арамиско општество, во кое и доблеста стана стока за пазар, многу добро се вклопува.

Поради ваквата ориентација, денес, издвојувањата за јавното здравство се помали од пет проценти од БДП, при што, поради корупцијата, којзнае колку помалку и од тоа оди до корисниците на здравстените услуги од јавните институции. Нудењето перцепција, наместо стварност има ограничен рок. Нема да му помогне на министерот за здравство, ниту било кому, кога бројките на заболени и умрени се поповолни од некои држави, со радост да ги соопштува, а кога стануваат инфериорни за нас, да вели дека не е сѐ во бројките, па дури и, зачудувачки, да тврди дека податокот за починати на два милиони луѓе не е најрелевантен, дека имало и други поважни индикатори и дека требало да се знае што има зад бројките – а тоа што е зад нив не ни го кажува.

Сепак, со сите слабости, состојбата ќе беше подобра, доколку игрите околу изборите не беа вплеткани во битката за здравјето на луѓето. Алчниот партнер од четворната коалиција, врхушката на христијанското и муслиманското свештенство, кому, сепак, парите му се поважни од Господ, ја торпедираше „самостојната“ и стручна здравстена комисија и Владата што прави „сѐ за здравјето на граѓаните“. Ги натера техничкиот премиер Спасовски и Бујар Османи, во име на своите партии, де факто да им се приклучат на „стручњаците“ од клерот: дека вистнските верници не ги фаќа вирусот и кога лижат од едно лажиче и кога се собираат во џамиите и на ифтарските вечери.

Првиот, Спасовски, уште и несмасно (кој ли му го посочил тој изговор?) да се повикува и на Уставот, кој, види чудо, ја гарантирал „слободата на вероисповест“ – веројатно животот следи потоа, или уште потоа. Ако Груевски и истите верски поглавари глумеа исчудување над солзите што капат од очите на фреските, тогаш зошто и овие да не продолжат во тој стил? Така е, но сега имаме нов, пожесток удар на пандемијата; држава на чии граѓани ќе им биде одложено слободното патување во други држави и воздржување други да даѓаат кај нас; ќе има дополнителни здравствени трошоци, дополнително воздржување од економски активности кај некои правни и физички лица, што значи продлабочување на дефицитите на државата, итн.

И, се разбира, кец на десетка кон инаетот на Мицкоски за несогласување со изборите, за продолжување на новата лимбо-состојба во која, повторно истите, ја втурнаа државата. Да, додека ги пишував овие редови, слушнав дека претставник на екстерните „брзораспоредувачки сили“ доаѓа да помогне повторно ничкосаниот „бумбар“ некако да се исправи зашто мравките веќе се закануваат. Нема ништо да се промени. Истата четворна коалиција ќе продолжи да владее со државата како со нејзин одбор за остварување не нејзините интереси. Но избори треба да има. Што поскоро. Инаку, Пендаровски и Владата ќе продолжат да го крши Уставот, „само по малку“. А ни недостасува и Парламентот, зашто без него кој ќе поверува дека сме демократско општество. Сите може да помислат, не дај Боже, дека владеат оние што погоре ги спомнав.

 

Поврзани содржини