МАКЕДОНИЈА ЈА КАНИ БУГАРИЈА НА ЗАЕДНИЧКА РЕЗОЛУЦИЈА ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ Ајде заедно да ја нагласиме посебноста на македонскиот идентитет и јазик, повикува Милошоски
Отворањето на Уставот изгледа дека за многу владини претставници во Софија е само почеток на многу други барања и многу други изговори за идни блокади. Реалноста е дека добар дел од официјалните претставници на Бугарија работат на негација на македонскиот идентитет и јазик, нешто слично како што Русија ја негира самобитноста на украинскиот јазик и посебноста на украинскиот народ, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
Ако Бугарија тврди дека проблемот на отпочнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ се само Бугарите во Уставот, предлагаме да поднесеме заедничка Резолуција во Европскиот Парламент, со која што ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик, рече денеска праетникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
– Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја даде оваа отворена понуда до бугарскиот претседател Румен Радев и до нивната влада. Доколку пречка за македонските евроинтеграции е само внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш не би требало да биде никаков проблем заедно со соседна Бугарија да поднесеме резолуција која ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија. Уште веднаш можеме да поднесеме заедничка резолуција, да ја зацврстиме меѓусебната соработка на овој план и да го решиме проблемот за отпочнувањето на европските интеграции – рече Милошоски.
Понудата која што е дадена од премиерот Мицкоски – е отворена, додаде тој.
– Сепак, имаме доза на скептицизам дали ова барање ќе биде прифатено од официјална Софија, бидејќи од тоа што го гледаме од страна на источниот сосед, посебно некои нивни владини претставници, изгледа како да имаат одредени задни намери. Отворањето на Уставот изгледа дека за многу владини претставници во Софија е само почеток на многу други барања и многу други изговори за идни блокади. Реалноста е дека добар дел од официјалните претставници на Бугарија работат на негација на македонскиот идентитет и јазик, нешто слично како што Русија ја негира самобитноста на украинскиот јазик и посебноста на украинскиот народ – рече Милошоски.
Бугарија, за жал, сака да спроведе еден историски инжинеринг, каков што не е спроведен никаде во современиот демократски свет, додаде тој.
„За жал, помош за ваквиот обид на официјална Софија се добива и од некои претставници на СДСМ. Конкретно, претседателот на СДСМ е спремен сервилно да изгласа сè што Бугарија ќе стави на маса, а тоа го потврди и самиот Венко Филипче во неколку негови настапи. Народот јасно може да види кој за што се залага, и може да препознае дека СДСМ се демаскирани и дека секој знае дека од страна на нивното раководство постои една спремност да се прифатат какви било дополнителни понижувања и потчинувања на Македонија – рече Милошоски.
За разлика од тоа, додаде тој, целта на ВМРО-ДПМНЕ е да ги заштити националните интереси и достоинството на државата, да имаме конструктивен дијалог со секој сосед, па и со Бугарија, базиран на аргументи, но без виткање на ѝрбетот на самата држава.