МАКЕДОНИЈА ЈА ГРАДИ НОВАТА ЕНЕРГЕТСКА МАПА НА БАЛКАНОТ Се поврзува гасно со Грција и Србија

Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно.

88

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем: земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција. Со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор, вели министерката за енергетика и рударство  Сања Божиновска.

Според неа, само во една година, се поставени темелите од држава која од нето-увозник да  стане нето-извозник на електрична енергија. Се гради независен и модерен систем кој не зависи од една рута, еден снабдувач или еден енергетски извор.






– Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот – вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Таа потсети дека  следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција – капитален проект кој носи двоен бенефит: сигурност на снабдувањето и можност за транзит кон трети земји. Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија.

Во меѓувреме, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

– Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори – вели таа.

Покрај гасното поврзување се гради и  400/110 kV врската Охрид – Елбасан, со кое се заокружува електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.

Од Министерството за енергетика велат дека има планови за когенеративни енергетски капацитети – ефикасност, локално производство и нова енергија за градовите. Министерството за енергетика веќе работи на планови за развој на вакви постројки во неколку урбани центри, со цел обезбедување локално и сигурно снабдување, особено во системите за централно греење.

Когенеративните постројки се планираат како современи, еколошки објекти што ќе ги заменат старите и неефикасни капацитети, а воедно ќе ја зголемат стабилноста на националниот систем. Овие централи се предвидени да работат со флексибилно гориво – со можност за премин кон биогорива или водород во следната фаза од транзицијата.

– Преку овие инвестиции, Македонија ќе добие поконкурентен модел на производство, ќе ги намали загубите во системот и ќе овозможи подобар квалитет на живот за граѓаните, особено во урбаните средини со висок енергетски конзум. Се работи за уште еден чекор кон модерен, одржлив и децентрализиран енергетски систем- велат од Министерството за енергетика.

Поврзани содржини