Македонија ја чека бурна година

Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело. Во оваа колумна професорот Марјановиќ пишува за тоа како странските дипломати, вклучително и Американците, избегнуваат да го употребуваат терминот „Македонија“, и наместо тоа ги користат термините „оваа земја“, „нашата земја“ ио слично - и после четврт век ништо не е променето.

3,188

РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 14 јануари 1998 година)

Моето фамозно писмо до претседателот на САД, во кое изразив резервиран оптимизам дека „непристојноста на формата“ (во која тој ја призна Македонија) нема да биде пречка за добрите односи помеѓу народите на „Поранешната британска колонија САД“ и „Поранешната југословенска република Македонија“” имаше една лесно забележлива јавна консеквенција: првин г. Метју Нимиц, на прашањето на изнервираните грчки новинари зошто постојано зборува за „Македонија“, а не вели „FYROM“, без заобиколување одговори дека тој акроним го смета за глупост, „како што би било глупост некој за мојата земја да каже ‘Поранешната британска колонија САД’”, а потем првата дама на Стејт департментот, при отворањето на Aмериканската амбасада во Скопје, ниеднаш не го изговори очигледно некрофилскиот евокативен акроним „Поранешна југословенска република Македонија“, туку постојано се довиваше да не ѝ го спомне името на земјата во која ја отвора амбасадата, постојано повторувајќи една мошне „духовита формула“ (што одамна пред неа ја измислија европските дипломати, а на која ние, овдешниве, како сосема да отрпнавме): „вашата земја“, „оваа земја“, „оваа држава“ итн. итн.






Затоа, кога пред некој ден органот на ССРНМ објави интервју со американскиот амбасадор во Скопје под наслов „Македонија ја чека бурна година“, со внимание го прочитав целиот (безначаен) текст, со една единствена желба да го видам тоа чудо невидено, амбасадорот да го изговори зборот „Македонија“, чијашто употреба Грците најстрого им ја забранија на Американците. Попусто! Човекот, исто како и неговата газдарица од Стејт департментот, ниеднаш не се осмели да изусти „Македонија“ туку (како и таа на времето) постојано ги повторуваше „духовитите“ дипломатски формули: „вашата земја“, „оваа земја“, „оваа држава“ итн. итн.

Така, значи, продолжувачите на славните традиции од Горно Врановци едноставно ги „фризираа“ исказите на амбасадорот и ја видоа Македонија таму каде што неа воопшто ја немаше. Ниту амбасадорот го изговорил забранетиот збор „Македонија“, ниту пак воопшто мислел на Македонија кога рекол дека „следната година ќе биде уште побурна“. За да нема забуна ќе го парафразирам крајот на интервјуто!

Целата колумна од проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ прочитајте ја на следниот ЛИНК

***

Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.

Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1000 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.

Поврзани содржини