МАКЕДОНЕЦ СО ИСТОРИСКА ШАНСА ВО ШВАЈЦАРИЈА Кумановец влегува во трката за градоначалник на Цирих
Парпарим Авдили со гордост го истакнува потеклото од Куманово, предложен за прв човек на Цирих од страна на Либералната партија (ФДП).
Парпарим Авдили, по потекло од Куманово, е предложен од Либералната партија (ФДП) како кандидат за градоначалник на швајцарскиот град Цирих – една од најважните политички и економски позиции во Швајцарија.
Информацијата тој лично ја сподели на својот профил на Фејсбук, посочувајќи ја длабоката поврзаност со градот каде што пораснал и се образувал.
„Израснав во Цирих како дете на семејство со мигрантско потекло. Моето образование го стекнав во населбите Алтштетен и Албисриден, а и денес останав близок со моето маало, сè уште играм фудбал со другарите од детството. Цврсто сум поврзан со овој град и секојдневно го живеам со страст она што го правам“, напиша Авдили во објавата, посочувајќи дека потекнува од семејство чии корени се од Куманово.
Кандидатурата на Авдили се смета за значаен чекор кон поинклузивна и модерна Швајцарија, а неговата животна приказна, од дете на мигранти до кандидат за градоначалник на Цирих, веќе привлекува големо внимание и поддршка од заедницата.
Во Швајцарија, особено во мултикултурни градови како Цирих, прашањето на интеграција и застапеност на различни заедници станува сè поважно. Примерот на Авдили претставува инспирација за многумина и потврда дека политичкото учество е возможно за сите, без разлика на потеклото.