Македонец од прозорец ги снимал терористите во Виена: „Пред мои очи пукаа кон луѓето“ (ВИДЕО)
Додека седевме во нашиот дом, одеднаш слушнавме голема врева. Следеа истрели од огнено оружје, како и пискотници на луѓето кои се обидуваа да побегнат и да се сокријат од куршумите, раскажуваат за Плусинфо нашите сонародници во Виена.
Хоророт кој вчера вечерта се случуваше на улиците во Виена го снимиле и Македонци кои живеат и работат во главниот град на Австрија.
Тие за редакцијата на Плусинфо ги споделија своите видео-снимки и накратко раскажаа што точно можеле да видат и да слушнат.
– Додека седевме во нашиот дом, одеднаш слушнавме голема врева. Следеа истрели од огнено оружје, како и пискотници на луѓето кои се обидуваа да побегнат и да се сокријат од куршумите. Не знаевме што точно се случува, кога излегов на прозорецот успеав да снимам еден од напаѓачите како пука во луѓето кои бегаат. Искрено, сите сме исплашени и ќе останеме да седиме дома додека не ни кажат дека животот во градот е безбеден – вели нашиот соговорник кој веќе неколку години живее и работи во Виена.
Тој додава дека поради вчерашните напади, неговите деца ќе треба да останат дома, затоа што училиштата се затворени, и покрај тоа што по распустот требало од денеска за тргнат на училиште.
Нашиот соговорник вели дека следното видео му го испратил неговиот колега, исто така Македонец кој бил сведок на стравичните случки.