МАКЕДОНЕЦ НАСТАПИ НА АВСТРАЛИСКИОТ „ИДОЛ“ Леонардо Илиев е најмалиот од браќата Роџер (ВИДЕО)
Ако се сеќавате на браќата Роџер кои пред 14 години настапија на Охрид-фест со хип-хоп песна, можеби во ова 21-годишно момче ќе го препознаете најмалиот меѓу нив, единствениот кој продолжи да се занимава со музика и во Австралија
Дваесет и едногодишниот Леонардо Илиев е најмалиот од тројцата синови на Зоран Илиев, познат како Роџер Пијано кој пред речиси 5 години со семејството се отсели во Мелбурн, Австралија.
Тројцата браќа пред 14 години имаа деби настап на Охрид-фест, но по неколку песни тие се изгубија од музичката сцена, а од пред пет години целото семејство се отсели во Мелбурн, Австралија каде што само Леонардо продолжил да се занимава со музика. Тој студира аудио продукција и создавање музика, а песната со која настапи на натпреварот The Voice Australia е негова, авторска песна.
Од настапот се гледа дека публиката, но и жирито уживаат во песната.
Леонардо вели дека на почеток, по преселувањето од Скопје му било малку проблем да се прилагоди на новата средина, но од друга страна, претпоставувал дека таму ќе има повеќе можности да успее.
Инаку, кога се преселиле Леонардо бил втора година средно, па му требало малку време, како што вели, „да влезе во штос со јазикот“.
„Бев како изгубен ама успеав да се пронајдам. Најдов многу другари, ама имам само тројца со кои сум најблизок и со кои се поддржуваме во нашите идеи и кариери“, вели Леонардо.
Иако засега само тој се занимава со музика, вели дека никогаш не се знае и дека може да се случи, ако браќата пројават желба, повторно да се обединат и да се обидат заеднички.
Тој се надева дека неговата музика еден ден ќе се слуша на радио-станиците ширум светот и нетрпеливо ги чека големите настапи за кои, според она што се гледа од неговиот настап на натпреварот, е како создаден.
„Настапите се една од моите омилени работи заедно со правењето музика и интересно е затоа што веднаш гледаш како реагира публиката“, вели Леонардо кој мукажа на жирито дека доаѓа од Мелбурн, но во претставувањето објасни и дека претходно дошол таму од Македонија. Со него беа и неговите верни поддржувачи, браќата и неговиот татко.