Македонците со бугарски пасоши можат да се вакцинираат во Бугарија, потребен им е само негативен ПЦР тест
Заинтересираните за вакцинација ќе можат да го одберат видот на вакцината, местото и времето за вакцинирање, но за да појдат во Бугарија за да се вакцинираат, потребен ќе им биде негативен тест издаден од овластените здравствени установи во земјава.
Македонските граѓани кои поседуваат бугарско државјанство и кои имаат намера да се вакцинираат против ковид-19, тоа можат да го сторат преку интернет порталот „COVID-19 Регистрация за ваксинация“, соопшти претседателот на здружението „Македонско-бугарско пријателство“, Добре Митрев.
Како што е наведено во соопштението, заинтересираните за вакцинација ќе можат да го одберат видот на вакцината, местото и времето за вакцинирање, но за да појдат во Бугарија за да се вакцинираат, потребен ќе им биде негативен тест издаден од овластените здравствени установи во земјава.
Регистрацијата се одвива во четири чекори, во првиот заинтересираните лица треба да ги пополнат личните податоци, име, презиме, фамилијарно презиме, потоа следи тип на идентификација или ЕГН (единствен број на граѓанинот), датумот на раѓање, бројот на личната карта, датум на издавање и од која единица на МВР е издадена. Исто така треба да се избере и начинот како сакате да бидете известени, по е-пошта или преку СМС порака.
Потоа се преминува на вториот чекор, а тоа е избор на вакцина. Исто така, постои опција дека немате специфични преференци. Третиот чекор во регистрацијата е избор на центар за вакцинација, а четвртиот чекор е да се одреди посакуваното време за администрација на вакцината, со опциите поставени за десет минути.
Според информациите, 24 часа пред времето на вакцинација, ќе добиете потсетување на начинот на кој сте го одбрале местото и времето во кое мора да се појавите. Системот ќе работи една недела понапред. Сите луѓе кои ја примиле првата доза од која било од трите вакцини ќе бидат официјално регистрирани во системот.
По електронски пат поставивме прашање до Министерството за здравство на Бугарија, дали македонските државјани кои имаат бугарски документи може да се пријават во регистерот за вакцинација, оттаму ни го одговорија следното:
– Вакцинацијата против ковид-19 во Бугарија е опционална и бесплатна за сите бугарски граѓани. Се изведува во 384 точки за имунизација утврдени со наредба на министерот за здравство низ целата земја и од општите лекари – велат за Плусинфо од Министерството за здравство на Бугарија.