Македонците се сончаат во Занзибар убедени дека таму нема корона
Цените на подалечните и егзотични дестинации се различни и зависат од оддалеченоста на земјата и изборот на хотелите и се движат од 1.000 до над 2.000 евра за едно лице.
Иако мал, но има интерес за патување на подалечните егзотични дестинации, велат туристичките агенции кои и годинава во услови на пандемија се обидуваат да им излезат во пресрет на граѓаните кои редовно патуваат и оние кои сакаат да поминат одмор во поегзотичните предели. Занзибар, Малдиви, Мексико, Јужна Америка, Куба, Индија, Индонезија и Тајланд се дестинациите кои се нудат и годинава за поединечни и групни патувања. За дел од нив се потребни негативни тестови за ковид-19, вакцини за оваа и за други болести, но и визи. Туристичките работници, меѓутоа не гледаат излез од тешката ситуација во која се најдоа само преку овој вид на туризам. Тие велат дека е потребно, покрај надминувањето на стравот од коронавирусот и заживување на економијата за да може да се смета и на заживување на туристичката дејност.
– Оние што сакаат да патуваат и покрај пандемијата наоѓаат начини да го остварат тоа. За подалечните патувања и годинава има интерес, но тој вообичаено е мал бидејќи тие во основа се поскапи. Сепак, гледано од аспект дали со нив би можел да се развива туризмот, мислам дека не, бидејќи наша цел е да овозможиме што повеќе луѓе да патуваат, а тоа во сегашни услови е тешко да се направи – вели Андреј Сирачевски од туристичката агенција „Аурора турс“.
Цените на подалечните и егзотични дестинации, додава тој, се различни и зависат од оддалеченоста на земјата и изборот на хотелите и се движат од 1.000 до над 2.000 евра за едно лице. За дел од дестинациите е потребна и виза која се добива однапред или при стигнување, повратен авиобилет и негативен ПЦР тест и вакцина за одредени болести, но за дел од нив не е потребна виза.
– Во овој период е интересен Занзибар, полуавтономна сојузна единица на Танзанија, бидејќи граѓаните мислат дека таму нема заболени од ковид-19, што не е точно. Цените на аранжманите таму се различни и се зависни од периодот во кој се патува и хотелот кој се избира. Во периодот јануари-март најниската цена е од 424 до 1.596 евра, во периодот април-јуни цените се од 363 до 1.097 евра, додека во периодот јули-август цените се движат од 407 до 1.596 евра – вели Сирачевски.
Од поблиските дестинации во пролетниот период за патување, според туристичките агенции, најмногу се избира Дубаи, но со оглед дека од земјава моментално нема авионски превоз патувањето е поскапо и се движи од 500 евра до 1.000 евра за поединец и зависно од изборот на хотелот. За македонските граѓани интересни се и Израел и Египет.
И Олег Маленко од агенцијата ВИС ПОЈ од Охрид, која се занимава со рецептивен туризам, а нуди и дестинации во странство вели дека со минималната побарувачка која ја има не само за егзотичните дестинации, туку и за дестинациите за помасовен туризам не може да се надева на некакви приходи.
– Бидејќи главната дејност ми е да обезбедам гости од надвор за нашите туристички центри, сѐ зависи во која група на земји ќе нѐ стават земјите од каде што обезбедуваме туристи. ВИС ПОЈ носи туристи од Полска, Норвешка и Данска. Моментално само полскиот партнер има пријавено летување за земјава, Данска и Норвешка ќе паузираат годинава. Што се однесува за интересот на нашите сограѓани за далечните патувања тој е незначителен исто како и за стандардните дестинации и патувањата од другите земји кај нас. Тоа нема некое влијание на работењето на туристичкиот сектор, барем засега – вели Маленко.
Негова прогноза е дека туристичкиот сектор ќе може да се надева дека оствареното во 2019 година, односно периодот пред пандемијата, ќе го достигне дури во 2025 година.
– Знаете, покрај економијата која трпи од пандемијата и граѓаните во земјава, но и во глобални рамки остварија пониски примања, дел од нив останаа без работа. И што е за нив приоритетно сега? Се разбира, како да преживеат. Патувањето го планираат за понатаму или не го планираат, што пак е директно поврзано со нашата работа. Колку побрзо ќе се стабилизира состојбата, толку и ние ќе можеме да се надеваме на рестарт – додава тој.
Туристичките работници се надеваат на некаква активност летово. Поволни информации имаат за март, кога е планирано Турција да ги отвори границите. Тогаш, може да има побарувачка на аранжмани за летување и помасовни патувања, бидејќи и вакцините ќе придонесат граѓаните да не се плашат дека ќе имаат проблеми на патувањето или при влезот во земјите. За нив оптимизам влеваат и отворените граници кон Албанија, Црна Гора и кон Србија.