МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ПЛАШАТ ОД АНКЕТИ? Од Левица тврдат дека нивните членови се „тивки“ поради страв од политички прогон
Исто како и во 90-тите години од минатиот век, кога СДСМ спроведе капмања за „демонизација“ на ВМРО-ДПМНЕ, што имаше за резултат одредена воздржаност кај симпатизерите на партијата во урбаните средини, денеска истиот рецепт се применува и врз Левица, вели Владимир Божиновски.
И по 30 години плурализам и демократија, во Македонија сè уште на голем број на луѓе им е непријатно кога јавно треба да ја искажат припадноста кон одредена политичка партија. Тоа ни го покажаа и резултатите од анкетата сработена од Институтот за политички истражувања – Скопје(ИПИС), во која високи 11,2 одсто од испитаниците одбиле да кажат за која политичка опција ќе гласаат на наредните избори.
Политикологот Владимир Божиновски од ИПИС вели дека тоа не е ништо ново, туку дека тоа е дел од нашата политичка култура. Тој нè уверува дека процентот и не е така висок, а дека истото се случувало и во минатото, кога на власт биле партиите што сега се во опозиција.
– Политичката перцепција е сензитивно прашање особено за тие што ѝ припаѓаат на опозицијата. Не е битно кој е на власт, а кој е во опозиција. Тоа е дел од нашата политичка култура, и затоа процентот на испитаници кои не сакаат да одговорат е висок. Луѓето што во анкетата одговориле дека не сакаат да кажат за кого ќе гласаат не значи автоматски дека ја поддржуваат опозиција. Може да се претпостави дека дел од нив воопшто нема да гласаат, дел од нив ќе ја поддржат власта, но поголемиот дел, сепак, за очекување е дека својот глас ќе го дадат за опозциските партии. И тоа не само за ВМРО-ДПМНЕ, туку за Алијанса, Беса, како и за Левица – вели Божиновски.
Токму од Левица по крајот на локалните избори се жалат во континуитет дека врз нивните членови и симпатизери, се врши силен притисок од припадниците на владејачките партии.
– Исто како и во 90-тите години од минатиот век, кога СДСМ спроведе капмања за „демонизација“ на ВМРО-ДПМНЕ, што имаше за резултат одредена воздржаност кај симпатизерите на партијата во урбаните средини, денеска истиот рецепт се применува и врз Левица. Оваа партија е прогласувана за фашистичка, анти-НАТО, анти-ЕУ, назадна, проруска итн. Дел од гласачите на Левица поради тоа имаат проблем да кажат јавно дека се поддржувачи и секако дека добар дел од нив се меѓу анкетираните кои не сакале да откријат за кого ќе гласаат. Власта Левица ја третира како радикална партија и тоа е главната причина за претпазливоста на членовите и симпатизерите на оваа партија – додава Божиновски.
Од Левица за Плусинфо истакнаа дека македонското општество се наоѓа на политичка раскрсница. Тие велат дека од една страна е Левица како автентична левичарска партија, а од другата е СДСМ како реликвија од времето на транзицијата.
– Гласачкото тело на СДСМ непрестано се одлева на контото на Левица заради расипничките политики на социјалдемократите. Сепак, СДСМ се покажа како опасна и мафијашка структура која традиционално владее со насилство, притисоци, уцени и бркања од работа, како главен извршител на пеколната транзиција. За криминалната гарнитура на СДСМ која е целосно деидеологизирана, мануфактурата на фиктивниот легитимитет почива на овој насилнички и уценувачки однос, во отсуство на било какви принципи и начела за клучните социјални, национални и општествени прашања. Токму од овие причини, гласачите со левичарски убедувања се во незавидна позиција, кадешто симпатиите кон автентичноста на Левица можат да ги доведат на метата на владејачката партија, и кон натамошна општествена маргинализација. Но, на повидок е крајот на владејачката тероризација на населението и ослободувањето на политичката мисла. Во кратко време оние кои не смеат да проговорат за подршката кон Левица ќе добијат и сопствен глас под закрила на храбрата политичката борба која ја водиме, и анкетите на јавното мнение ќе добијат поразличен облик. Левица се движи кон народна победа, а СДСМ кон damnatio memorae – изјави Амар Мециновиќ, портпаролот на Левица.