МАКЕДОНЦИТЕ ПОЛЕСНО ЌЕ ДОАЃААТ ДО ГЕРМАНСКИ ПАСОШ Германија ги олеснува условите за земјите надвор од ЕУ

Барање за државјанство ќе може да се поднесе по пет години престој во земјата, наместо досегашните осум, а оние кои ќе научат германски, ќе можат да поднесат апликација веќе по три години.

500

Германија подготвува нов закон со кој на странците ќе им биде полесно да добијат германско државјанство. Со предлог законот се предвидува имигрантите од земји надвор од ЕУ, како што е Македонија, да не мора да се откажат од државјанството од матичната држава, како што беше досега. Барање за државјанство ќе може да се поднесе по пет години престој во земјата, наместо досегашните осум, а оние кои ќе научат германски, ќе можат да поднесат апликација веќе по три години. Новиот закон треба да се најде во Бундестагот во наредните месеци со цел да се гласа до летото оваа година.

Германската влада ја претстави својата верзија на „зелениот картон“ на крајот на минатата година, а на квалификуваните работници им го олеснува влезот во земјата дури и ако немаат претходна понуда од германски работодавач. Но, тие мора да исполнуваат најмалку три од четирите критериуми. Станува збор за поседување на високо образование или професионална квалификација, работно искуство од најмалку три години, познавање на јазикот или претходен престој во Германија и дека се помлади од 35 години.






Коалициската влада спроведува низа социјално прогресивни политики во обид да привлече 400.000 квалификувани странски работници секоја година за да се балансира стареењето на населението и недостигот од работна сила. Истражувањето спроведено во јануари покажа дека повеќе од половина од германските компании се борат да ги пополнат слободните работни места поради недостаток на квалификувани работници.

Германија достигна рекорден број жители – 84,3 милиони во 2022 година – поттикната од силно зголемување на нето имиграцијата, за што придонесоа и украинските бегалци.

Во исто време, Германија заостанува во однос на стапките на натурализација во споредба со другите европски земји. Во 2020 година беа доделени 1,3 државјанства на 100 странски жители, додека просекот на ЕУ е 1,6. Ова го отежнува влезот на странските работници на пазарот на трудот. Се проценува дека 10 милиони луѓе – околу 12 проценти од 80-те милиони жители на земјата – во моментов живеат во земјата без германски пасош, што значи дека немаат право на глас или можност за вработување во одредени владини служби.

Поврзани содржини