МАКЕДОНЦИТЕ ДА ГИ ВНЕСЕМЕ ВО ЕУ, А НЕ БУГАРИТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ Уставните измени нема да се случат, порача Пренџов
Уставни измени под бугарски диктат нема да поминат, тоа им е јасно на сите - истакнува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и кооалицијата, Љупчо Пренџов.
Уставните измени се помалку се зборуваат во Собранието, вклучувајќи ја и власта. Ние како опозиција мислам дека многу пати сме кажале зошто е тоа така и кои се причините и кој ја донесе Македонија во оваа слепа улица и тоа го алармираме повеќе од година дена, барајќи предвремени патламентарни избори со цел граѓаните да одлучат во кој правец ќе се движи Република Македонија во иднина, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Љупчо Пренџов во гостување во емисијата Анализа на ТВ 24.
Пренџов додаде дека е при крај мандатот на овој парламентарен состав и дека уставните измени под бугарски диктат нема да се случат.
– Мислам дека таа тема завршува и веќе е при крај овој состав на парламентот и уставни измени под бугарски диктат нема да поминат. И мислам дека тоа им е јасно на сите – истакна Пренџов.
На прашањето дали тој како пратеник ќе чувствува одговорност доколку Македонија остане во ова статус кво, Пренџов рече дека нема да чувствува одговорност.
– Не, не чувствувам одговорност. Од повеќе причини не чувствувам одговорност. Првата причина е затоа што алармиравме и го молевме Бујар Османи да не ги потпишува протоколите кои што ги потпиша во Софија, а кои се поврзани директно со нашиот идентите на Македонците. Втората причина е затоа што ги молевме како влада да имаме еден единствен став и да заличиме како нормална држава каде што власта и опозицијата кога се работи за европската перспектива на државата зборуваат со еден глас. Но, и тоа го одбија. И трета причина е затоа што нашата цел е како да ги внесеме нашите граѓани на Македонија во ЕУ, додека целта на власта е како Бугарите да ги внесе во македонскиот Устав. Така што не чувствувам никаква одговорност како пратеник – потенцираше Пренџов.
Според него не се проблем само уставните измени, проблем е и немањето на право и правда. Пренџов додава дека 7 години власта не прифаќа ниту една помош од опозицијата, како и дека според сите релевантни анкети власта веќе нема ниту легитимитет, ниту кредибилитет.
– Не се проблем само уставните измени, оваа држава има проблем со право, правда, корупција и економија. Седум години имаме власт која што е самобендисана и не трпи критики, власт која што ниту една добронамерна помош од страна на опозицијата не ја прифаќа и имаме власт која според сите релевантни анкети гледаме дека нема ниту кредибилитет, ниту легитимитет – истакна Пренџов.