„МАКЕДОНЦИ, РАЗБУДЕТЕ СЕ, ВЛАСТОДРШЦИТЕ ГАЗАТ СЀ ПРЕД СЕБЕ“ Љупчо Коцарев испрати остро писмо до надлежните

На Македонија не ѝ треба нова класа на привилегирани политички олигарси над законите, туку еднакви можности за сите и солидарност, без кои не може да се помине низ кризни времиња. Ниту едно министерство не може да стои над граѓаните, тоа треба да му служи на народот, и никако поинаку, напиша претседателот на МАНУ.

606

„Македонија одамна е понижена држава. Властодршците газат и уништуваат сè пред себе само заради задоволување ситни лични интереси. Татковината јачи и повикува: Разбудете се, Македонци! Ве повикувам: Придружете им се на предводниците на промените!“ – порача Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), преку своето „Писмо до надлежните“, кое го објави весникот „Нова Македонија“ под наслов „Научни проекти – каква глупост!“

Во тоа „Отворено писмо до надлежните“ Коцарев упатува редица остри критики до Министерството за финансии и до другите надлежни институции во врска со попречувањата во финансирањето на активностите на МАНУ и поради непочитувањето на научноистражувачката работа во Македонија.






Покрај другото, натаму Коцарев пишува:

Мојата и „нашата задача не е само да ја промениме неподносливата општествена реалност“, туку да ја изградиме Македонија, така што „ќе биде неможно да се повтори сегашната реалност“. „Затоа е неопходно да се вратат демократскиот поредок, правните и политичките институции, духот на слободната и критичка дискусија, во која луѓето ќе учествуваат без страв од последиците“.

На Македонија „не ѝ треба нова класа на привилегирани политички олигарси над законите, туку еднакви можности за сите и солидарност, без кои не може да се помине низ кризни времиња“. Ниту едно министерство не може да стои над граѓаните, тоа треба да му служи на народот, и никако поинаку.

Во спротивно, се урива поредокот на македонската држава таква каква што е конституирана во Уставот и во другите државотворни акти. „Затоа, ги повикуваме сите оние што во својот живот се среќаваат со различните лица на една иста неправда и ароганција, да ги надминат сопствените стравови и својата недоверба и да се обединат во борбата за поинаква Македонија“.

Македонија е „наша земја и затоа ова е заедничка борба, во која треба да докажеме што сме ние и колку нè има. Таа борба се заснова на лекциите од минатото, на јасен увид во сегашноста и, најважно, на посветеноста на иднината“.

Односот на надлежните кон надворешните научноистражувачки проекти (зашто средства за домашни проекти одамна нема) е застрашувачки и понижувачки и кон истражувачите и кон образовните и научните институции. Не се почитува научноистражувачката работа на научниците и на институциите, во кои се реализираат проектите. Не би сакал да помислам дека единствена причина за ваквиот однос е: нема рушвет – нема одобрување.

Последиците се поразувачки: младите што биле вработени на проектите, разочарани си одат, додека фирмите што ги реализирале активностите на проектите, поради неплатените побарувања, исто така, си заминуваат – т.е. банкротираат. Односот на надлежните е јасен: на Македонија не ѝ се потребни ниту научници ниту надворешни проекти.

Поврзани содржини