МАКЕДОКС ПО 14. ПАТ ГО НАПОЛНИ КУРШУМЛИ-АН Почна фестивалот на креативен документарен филм во Скопје

Според најавата, на фестивалот кој почна вчера (17.08), а ќе трае до 24.август, ќе бидат проектирани околу 75 документарни филмови, а најавено е присуство на стотина странски гости

114
Синоќа (17.август) почна 14. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој ќе трае до 24 август во Скопје, под мотото #пресечи (#cutit).
Имено, тематски фокус на фестивалот е монтажата на документарните филмови.

Фестивалот ќе се одржи на четири локации – Куршумли ан, платото на Музејот на Македонија, Младинскиот културен центар и Супи ан, а мастер-класите ќе се одржат во Даутпашиниот амам.

На првата фестивалска вечер беше прикажан краткиот документарен филм од Франција  „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон и германскиот долгометражен документарец „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб.

Филмската програма на 14. „МакеДокс“ е распоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци. Земја во фокус годинава е Данска.

„МакеДокс“ во соработка со фестивалот на анимиран филм „Флипбук“ ќе прикаже и неколку наградувани анимирани документарни филмови кои биле дел од програмата „Анидок“.

Целосната програма е достапна на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (makedox.mk), може да се симне и фестивалската апликација и онлајн да се купат билети за фестивалот.

Поврзани содржини