Magnum Incendium Macedoniae мора да заврши со пад на нашите Нерони
Сценариото е старо колку и историјата: пали, заплашувај, создавај паника, па на крај нуди „спас". Ако треба, измисли и чума. Само важно е чадот да биде доволно густ, за да не се види вистината. Сепак, интуицијата ми вели дека народот брзо ќе го препознае лицемерието на нашите Нерони и ќе го казни, веројатно уште на овие избори.
Скопје гори. Не како во 1689 година, кога хабсбуршкиот генерал Силвио Пиколомини го претворил градот во пепел, туку со една поинаква режија – модерна, балканска, предизборна. Пожарите избувнуваат по депонии, магацини, сервиси… И секогаш кога чадот ќе се крене, политичката температура се вжештува.
Случајно? Сплет на несреќни околности?
Сепак не. Има премногу совпаѓања со приказната за политичкото инферно што почна да се распалува уште во текот на летото во цела Македонија, за сега сите да глумиме наивност и да си припишуваме блажено незнаење.
Тоа така не бидува.
Скопјани деновиве навистина се задушуваат во вистински и опасен чад, но очите им солзат и од чадните завеси на политичката пропаганда, чија цел е да се отежни препознавањето на политичката пироманија кај некои наши надобудни ликови, коишто си ги тријат рацете после секоја искра во Пинтија, во Трубарево, во Вардариште… Секој пламен наликува не само на атак врз нашиот град, туку и на подла кампањска реклама: „Погледнете, Скопје гори!” И веднаш потоа покажување со прст и врева: „Тие се виновни, ние сме жртвите!”.
Сево ова, на еден чуден начин, нè враќа на историјата на Големиот пожар во Рим (Magnum Incendium Romae) од 64. година и на контроверзите поврзани со императорот Нерон, за кого се верува дека самиот го подметнал пожарот. Можеби повеќе од таа теорија за подметнувањето на пожарот, за лицемерието на Нерон говори приказната дека за време на палежот, тој свирел со својата лира и пеел песна за уништувањето на Троја. Денес би рекле, село гори, баба се чешла. Инаку, Нерон се обидел вината за пожарот во Рим да ја натовари на плеќите на една радикална ранохристијанска секта.
Вистината е неумолива. Историчарите се главно согласни дека пожарот во Рим сепак нема врска со таа секта. Историчарите во иднина веројатно ќе сведочат дека и пожарите во Македонија ова лето и во Скопје на почетокот на оваа есен (Magnum Incendum Macedoniae) сепак немаат врска со случајноста, туку со ноторниот факт дека пламенот на нашата негрижа за ова наше Скопје – за овој „отворен град“ расплинат во урбан хаос и во беззаконие – тлее со децении. Повремено пламнува тој придушен оган, под урнатините на нашиот компромитиран морал и на нашата политичка и граѓанска неодговорност. Пламнува во жестоки епизоди, кои безмилосно ја трошат онаа претстава за градот убав кој пак ќе никнува како Феникс после секоја катастрофа.
Јас мислам дека ние го изгубивме правото на тој оптимизам и нема да го повратиме сè додека не се запрашаме на чија пропаст, всушност, се ситат и радуваат нашите Нерони, додека со своите лири ја опеваат „апокалипсата“. Дали се ложат на помислата дена ќе ја искористат несреќата на другите, за и тие – токму како и Нерон врз пепелта на Рим – да ги изградат своите Domus Aureae, своите велелепни палати на незаслужено стекнатите моќ и престиж?
Да, имаме ние наши Нерони. Најподол е Нервниот. Тој е нашиот Нерон со повеќе маски. Еднаш е политичар, другпат „загрижен граѓанин”, третпат „експерт”. Секогаш нервозен (се гледа тоа од неговата фаца наместена во божествен спокој), секогаш со лирата в рака, секогаш подготвен да ја претвори туѓата несреќа во свој рејтинг.
Сценариото е старо колку и историјата: пали, заплашувај, создавај паника, па на крај нуди „спас”. Ако треба, измисли и чума. Само важно е чадот да биде доволно густ, за да не се види вистината.
Секој што бара незаслужена политичка добивка во ова предизборие, како по нотна линија, ја изведува својата симфонија на „апокалипсата“. Секој ден ги слушаме тревожните пасажи на таа катастрофична композиција, налик на Вагнеровиот „Марш на валкирите“: Скопје е мртво, Скопје е гробница, евакуација сега и веднаш…
Нероновиот Рим, според доминантните теории, бил запален за да се остварат плановите за изградба на еден нов град, со нови палати и богатства. И без Римјани какви што затекнал императорот и кои очигледно не му биле по волја.
Општо прифатено мислење е дека Пиколомини го запалил Скопје за да го „спаси“ од епидемијата на колера. Но, има уверливи теории според кои палежот на напуштеното Скопје бил одмазда против турската војска за опсадата на Виена во 1683 година.
Како и да е, таа матрица на пироманската свест – дека Градот мора да изгори, а граѓаните да се евакуираат, за некој да ги наследи неговите остатоци и врз пепелта да изгради своја Domus Aurea – ја слушаме деновиве како клучен наратив на некои наши политичари и граѓански активисти на привремена работа во политиката, кои би сакале Скопје да го блокираат и да го замрзнат, а Скопјани некаде да ги евакуираат (било каде), бидејќи тоа им е единствена шанса за победа на изборите и за освојување на власта.
Историјата го памети Нерон како тиранин, иако можеби тој не го запалил Рим. Но, се радувал на палежот, ковал планови, калкулирал како да извлече корист од последиците. Како што калкулира сега нашиот најнервозен Нерон, кој, да не заборавиме, одвај некако ја избегна личната одговорност за една друга огнена трагедија, во еден друг град (на триесеттина километри од Скопје), во едно друго време…
За интерпретациите на историските приказни и за поуките од нив, ние расправаме, но суровите историски факти се познати. Императорот Нерон паѓа набрзо по пожарот во Рим. Тој и неговата лира нема да се радуваат долго. Пиколомини исто така нема да го преживее палежот на Скопје, смртно ќе го покоси колера. Не сум ни религиозен ни суеверен, па не можам да кажам дали станува збор за божја правда, за судбина или за нешто трето. Едноставно, нештата така се случуваат по некоја чудна, за мене необјаснива законитост.
Интуицијата ми вели дека ќе паднат и нашиве нови Нерони, покосени од сопственото лицемерие, кое народот брзо ќе го препознае, веројатно уште на овие избори. Magnum Incendium Macedoniae ќе заврши без голема врева, без аплаузи, без тажење, се надевам со научени важни лекции за политиката, за животот на Градот и за цената на лицемерието и на сеирот.
Некои луѓе ќе исчезнат од политиката, како никогаш да не биле во неа. Нема да ни недостасуваат.