МАФИЈАШКИ ФИЛМ НАМЕСТО ДРЖАВНИЧКА ПОЛИТИКА Жестока реакција на ЗНАМ и обвинувања кон Филипче

Движењето ЗНАМ со остра реакција кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го за блокирање на реформите, партиска корупција и одбивање дијалог за клучните државни интереси.

3,171

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија со жестока реакција кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оценувајќи дека тој „не е научен на дијалог кога станува збор за државните интереси“ и дека неговото политичко дејствување е водено исклучиво од лични и партиски мотиви.

– Венко Филипче и поранешното раководство на СДСМ никогаш не отворија суштински дијалог за клучните државни прашања. Преспанскиот договор и францускиот предлог не беа тема на лидерски средби, туку одлуки донесени зад затворени врати, без јавна дебата и без почит кон граѓаните – нагласуваат од ЗНАМ.






Од движењето посочуваат дека Филипче е „заштитен од систем кој со години го штител од одговорност“, набројувајќи низа афери и трагедии поврзани со периодот на неговото владеење.

– Провизии од модуларни болници, тендери за јаглен за ЕСМ со лични подароци, вакцини купувани по двојно повисоки цени и трагедијата во Тетово со 14 живи изгорени луѓе – сите овие случаи се дел од мрежа на партиска корупција која го штитела Филипче, додека тој молчел и го штител својот партиски круг – велат од ЗНАМ.

Според нив, за разлика од поранешната власт, актуелната Влада ја води државата кон стабилност и европска интеграција.

– Ниту еден корупциски скандал, ниту еден криминален тендер не ја наруши довербата на граѓаните. Аферите на минатата власт – Рашковски, Ковачевски, Мухамед Зеќири, бегалецот Груби, остануваат трајно сведоштво за владеење кое ја турна Македонија во стагнација и пропаст – порачуваат од движењето.

Од ЗНАМ со загриженост ја следат и реториката на Филипче, оценувајќи дека и покрај декларативните заложби за ЕУ, неговото однесување покажува спротивно.

– Иако зборува за европската интеграција, Филипче повторно докажува дека неговиот интерес е ограничен само на партиската фотелја. Жалиме што некогашната државотворна партија денес се служи со вулгарен и уличен вокабулар, наместо да биде конструктивна опозиција – велат од ЗНАМ.

Движењето тврди дека ваквиот настап на СДСМ предизвикал масовно разочарување кај нивното членство.

– Сведоци сме на историски трансфер на разочарани членови од СДСМ кон ЗНАМ – луѓе кои сакаат реформски, конструктивен и државнички пристап. Токму затоа Филипче и раководството на СДСМ се во паника, обидувајќи се да ја зачуваат личната фотелја – истакнуваат од партијата.

Од ЗНАМ наведуваат дека темите на лидерската средба се токму реформите кои ја носат Македонија напред – правосудството, јавното обвинителство, безбедноста и слободата на изразување, како дел од европската агенда.

– Филипче мора да излезе од мафијашкиот филм и да престане да ги блокира реформите. Македонија заслужува лидери кои гледаат напред и градат консензус за европската иднина, а не лидери фокусирани на лични и партиски позиции – порачуваат од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија.

Поврзани содржини