Мачно е…
Најмачно е кога ги отвораат тие таканаречени „големи европски теми“, а всушност ситни, мали лаги што треба да го одвратат вниманието од вистинските случувања во она „европско семејство“ што се претвора во некаков налудничав симплон-експрес што јури во пропаст. И патем сака сите да ги повлече со себе, плус и да украде сѐ што им е на дофат на раката. Па и туѓи пари, ако треба.
Веќе е мачно човек да ги слуша/чита овие безобразни луѓе влезени во некаков само ним познат „опозициски“ филм врз сценарио напишано којзнае каде и од кого, темелено на необјаснива омраза кон сѐ што претставува различност, поинаква мисла или политичка опција, заглибени до носот во смрдливата тиња на нивната карикатурална социјалдемократија, онаа најблиска до карактеристиката дадена уште од Ленин за нивниот опортунизам, жирондизам, неморал, предавство на сите свети национални вредности… Кај нас денес тие се онаа „либерална буржоазија“ која де факто се спротивстави на сите неопходни реформи или ги извитопери до незамисливи граници само и исклучиво во полза на некои лични добивки и профити корумпирајќи сѐ и секого што допреа…
Оваа тезгарошка македонска социјалдемократија се претвори во најголемото зло што државата го видела од осамостојувањето! Зашто токму тие, за цело време, се префриганата сопирачка на вистинските промени во општеството, на демократските процеси во нивното суштинско европско значење и смисла, мислејќи дека веќе трулиот социјализам може навистина да биде реформиран. Во што, во некаков социјален капитализам? Мачно беше да се гледа тој ретрограден процес во повторен соцреализам со „капиталистички“ штимунг, како што беше нереално да се верува и дека такви неуки и неспособни луѓе можат нешто конструктивно да направат!
Мачно е веќе да го слушате нивното контрирање на сѐ што ќе предложи или сработи некој друг, да слушате како тие, баш тие, „интензивно ќе работеле“ на „разоткривање на корупциските скандали на Владата“ иако таа иста Влада секојдневно им ги сервира нивните откриени скандали и криминали. Мачно е едновремено да го гледате нивниот неморал и да ги слушате префрлувањата на одговорноста за сите незавршени нешта врз другиот, кој и да е, а најчесто врз „омилениот“ политички непријател. Сега се во фокус мигрантите, истите оние кои во нивно време „ни се шетале низ државата“, ама овие сега ќе биле „мигранти за пари“! Нивните беа за не-знам-што, па ќе им градеа „прифатилишта“ и „центар“ од чисто хуманитарни причини – ќе ги честеа, што ли? – ама сегашнава власт тоа го прави за пари? Мигрантите се сега нивната нова глупава резолуција, вчера беше нешто друго, па трето… Политика на резолуции!
Еднакво мачно е да читате дека тие – баш тие! – не сакале „да бидеме депонија на мигранти“ иако токму тие ја направија државата ѓубриште на криминалци. Но никако нема да слушнете што тие сакаа и зошто тоа што наводно го сакаа и за нас – не го направија? Туку го направија само за себеси и своите криминални компањони?! И сега истите тие повторно нешто сакаат, и повторно го сакаат тоа и за нас, без оглед дали ние го сакаме тоа од нив. Фактот што тие прилично добро ги прикрија своиоте недела не значи дека ние сме ги заборавиле. Или простиле!
И впрочем, зошто е важно, и кому, што сака еден грст, па нека се и 18.001 партиски профитери? Цела држава ли треба да се поклони пред нивните желби? Замислете колкава би била листата на желби на јавноста од нив!? А првата би била: кои сте бре вие? Извадете ги носовите од глувчјите дупки на дневна светлина да видиме кој тоа нешто бара во наше име?
Уште помачно е да ги читате и оние нивни клиентелистички мегафони кои молчат за сѐ друго што ја тангира оваа држава освен за нарачаните теми од штабот. Од некакво налудничаво упаѓање во подкаст програма (се разбира, нарачано од власта!), преку некаков „список на сѐ што ни е Кочани во најава“ а оваа власт морала да го реши за една година, па до остварувањето на некаков нивен „сон да бидеме дел од ЕУ“! Провинциски демагози и нивните сништа како мерило за политиките на државата! Но таа им е омилена тема, небаре цел живот го живеат по европски, па сега дошле некои средновековни комити и тераат инает со „исполнувањето на условите од преговарачката рамка“, што пак е „на штета на земјата и на нејзините граѓани кои сонуваат за подобар живот и европски стандарди во функционирањето на институциите“ (sic!). Сега се сетија да прашуваат во чие име се прави нешто, а не вчера кога се воведуваше криминалот и корупцијата како државен систем, кога се потпишуваа меѓународни договори со налудничави протоколи, кога се менуваше името на државата, историјата, културата…!
Затоа и најмачно е кога ги отвораат тие таканаречени „големи европски теми“, а всушност ситни, мали лаги што треба да го одвратат вниманието од вистинските случувања во она „европско семејство“ што се претвора во некаков налудничав симплон-експрес што јури во пропаст. И патем сака сите да ги повлече со себе, плус и да украде сѐ што им е на дофат на раката. Па и туѓи пари, ако треба. И умеат за такви кражби да измислат модуси што ќе функционираат без општа согласност, без можност за вето или друг претходно договорен механизам. Но за „македонското прашање“ тоа не важи, а нашиве слепци ионака тоа не сакаат да го видат. Тие имаат сон за гледање иако тој, пред нивни очи, се претвора во кошмар
Но, веќе е мачно да се гледа и оваа инерција на јавноста, па и на власта, секојдневно да се занимава со „мислењата“ на „лидеро“ на една сервилна група безимени луѓе, па дури и да одговора на нивните провокации и прозивки. Белки власта има и попаметни работи?
Извор: Теодосиевски уметност