📽 АВТОБУС СОСЕ ПАТНИЦИ ЗАСТАНАЛ ДА НАТОЧИ ГОРИВО Од ЈСП велат дека ретко се случува да се дополнува гориво во текот на возењето

1,405

Ако се возите со градски превоз може да се случи автобусот да скршне од рутата за да наполни гориво, тврдат возачи на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.

– Веќе два дена нема гориво во базата во Ѓорче Петров. Утрово кога го зедов автобусот можев само два пати да ја извозам линијата за која сум задолжен. Потоа бев принуден да се исклучам на последната постојка и да одам до базата во Автокоманда за да наполнам гориво за повторно да се вклучам во сообраќај – вели возач на автобус на ЈСП Скопје, кој сакаше да остане анонимен.






Возачите велат дека се нервозни поради тоа што мора да го прекинуваат возењето за да наполнат гориво.

– Пред неколку дена бев да наполнам гориво во автобусот пред да ја започнам смената. На релацијата која ја возам, мене ми се потребни околу 200 литри гориво за цела смена, но одговорното лице ми стави само 50 литри. Му велам срамота е ќе ме остави автобусот без гориво некаде, ти потоа да се објаснуваш со патниците. Некако се разубедивме и ми стави 100 литри гориво. На половина од смената морав да дојдам повторно во база, претходно ги замолив патниците да слезат од автобусот и да ме почекаат 10 минути. Наполнив дополнителни 100 литри, ги зедов патниците и продолжив со возење – ни открива друг возач во ЈСП Скопје.

Пред два дена редакцијата на Градска.мк објави видео од патничка на кое се види како возачот на линијата со број „5“, речиси пред крајот на дестинацијата во Ѓорче Петров, се упатил кон гаражата да наточи гориво.

На реакцијата на патничката зошто сега баш полни гориво и се исклучува од сообраќај, додека во автобусот има патници, тој вели дека добил таква наредба и дека не е ништо страшно ако патниците задоцнат дома 10 минути.

Видеото од разговорот меѓу возачот и патниците во автобусот број „5“ може да го погледнете на овој линк.

ЈСП Скопје негира дека има недостиг на гориво

Плусинфо го праша јавното претпријатие дали има проблеми со испорака на гориво за автобусите и дали навистина возачите се принудени да се исклучуваат од линии за да наполнат нафта во возилата, но од таму ги демантираат сите информации.

„Двете бази, Автокоманда и Ѓорче Петров се постојано подготвени со потребната количина на гориво за автобусите на ЈСП. Во овој момент во базата во Ѓорче Петров во сопствените резервоари на ЈСП има околу 20 тони дизел гориво. Постојат исклучоци на оваа воспоставена динамика на дополнување на резервоарите на ЈСП како оној во петокот кога добавувачот на горивото не успеал до крај на работниот ден да ја достави бараната количина на гориво. Сепак, ниту во текот на викендот резервоарот во базата на ЈСП во Ѓорче Петров не бил празен и автобусите сообраќаа редовно“, ни одговори ЈСП Скопје.

Оттаму додаваат дека возачите не се принудени да се исклучуваат од линија за да полнат гориво во Автокоманда. Согласно воспоставената динамика, автобусите кои сообраќаат на линија во тој дел на градот, секоја вечер по завршување на рутата ги полнат резервоарите на автобусите со цел изутрината (05.00 часот) да нема застој при излегување од базата за да сообраќаат на линиите.

„Сепак, автобусите имаат ограничена количина на гориво кое можат да го понесат со себе, па така, зависно од условите во сообраќајот во текот на денот (гужви, затворени сообраќајници, несреќи) може да се случи при крајот на смената да имаат потреба да го дополнат резервоарот за да ја довршат вечерната рута – ова е исклучок и не се случува повеќе од 3-4 пати годишно“, велат од јавното претпријатие.

Според ЈСП, претпријатието нема недостаток на гориво, туку воспоставена динамика на дополнување на резервоарите со гориво.

„Ако се очекува цената на горивото да поскапи, полниме повеќе гориво во резервоарите со цел истото да го набавиме со пониска цена, доколку се очекува да поефтини горивото нарачуваме помала количина со цел да имаме можност да набавиме по пониски цени“, велат од ЈСП Скопје.

Поврзани содржини