МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ ЗА ПРВПАТ ПОТВРДЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА Вирусот е детектиран кај двајца пациенти, информира ИЈЗ
Ова е првпат во земјава лабораториски да се потврдат случаи на ова заразно заболување. Од Институтот посочуваат дека по добиените резултати, веднаш биле известени сите надлежни институции, меѓу кои Министерството за здравство, Клиниката за кожни болести и Инфективната клиника.
Два случаи на мајмунски сипаници (Monkeypox) се лабораториски потврдени во земјава. Двајца пациенти упатени од Клиниката за кожни болести денес пристигнале во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) со симптоми сомнителни за ова вирусно заболување.
Од ИЈЗ соопштуваат дека веднаш по приемот на пациентите се постапило согласно протоколите – направени се испитувања за мајмунски сипаници, како и за ХИВ, сифилис и херпес.
„Институтот за јавно здравје изврши лабораториски испитувања на три различни начини, со што лабораториски се потврдија два случаи на мајмунски сипаници“, информираат од ИЈЗ.
Ова е првпат во земјава лабораториски да се потврдат случаи на ова заразно заболување. Од Институтот посочуваат дека по добиените резултати, веднаш биле известени сите надлежни институции, меѓу кои Министерството за здравство, Клиниката за кожни болести и Инфективната клиника.
„Докторот кој ги прими пациентите веднаш ги информираше за резултатите, а стручните лица епидемиолози од Институтот се вратија на работа и пристапија кон епидемиолошко анкетирање на двете лица. Се добиваат податоци кои се исклучително важни за понатамошно постапување“, велат од ИЈЗ.
Анкетата со пациентите е сè уште во тек, а на лицата кај кои е потврден вирусот ќе им биде препорачано да се јават на Инфективната клиника.
„Во моментов нема простор за паника. Брзо и навремено се преземаат сите потребни институционални мерки. Вечерва се мобилизирани сите институционални капацитети, а во текот на утрешниот ден ќе бидат објавени подетални информации“, порачуваат од Институтот за јавно здравје.