„Мајкрософт“ ќе гради дата центар во Грција

Планирана е изградба на три единици за складирање на податоци, инвестиција што долгорочно може да достигне и до над една милијарда евра.

278

Американската компанија „Мајкрософт“ ќе изгради дата центар во Грција, што воедно ќе биде прв во земјата, но и во поширокиот регион, а инвестицискиот план, денеска го презентираа претседателот на „Мајкрософт“ Бред Смит и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Планирана е изградба на три единици за складирање на податоци, инвестиција што долгорочно може да достигне и до над една милијарда евра.






Грчкиот премиер истакна дека „Грција го има сонцето, а сега добива и свој cloud“, објасни дека инвестицијата не е наменета само за грчкиот пазар, туку и за земјите од поширокиот регион, а „податоците во Грција, ќе се чуваат безбедно и по пониска цена“

– Аналитичарите говорат за вкупен економски профит, што долгорочно, може да надмине една милијарда врз основа на искуството од другите земји. Но, оваа добивка се зголемува ако се додадете модернизацијата и конкурентноста што оваа инвестиција ќе им ја донесе на другите компании, не само на големите, туку на малите и средни компании кои ја откриваат значајната додатна вредност што дигиталните услуги можат да им ја понудат – истакна Мицотакис

Претседателот на „Мајкрософт“ рече дека станува збор за огромна инвестиција, „бидејќи инвестицијата во капитал за секој нов центар на податоци достигнува до стотици милиони долари“.

– Денеска соопштуваме нешто што всушност е најголема инвестиција на „Мајкрософт“ во 28-те години колку што е присутна во Грција. Ова ја покажува нашата доверба во грчката економија во грчкиот народ и во грчката Влада – рече претседателот на Мајкрософт Бред Смит на денешната презентација.

Центарот за податоци ќе биде прв во поширокиот регион на Југоисточна Европа, а вакви центри, „Мајкрософт“ има во Германија, Франција, Холандија и Ирска, а во процес на изградба се во уште три европски земји – Полска, Италија и Шпанија.

Поврзани содржини