Мајките кои дојат ќе можат да ги носат своите деца на Олимписките игри во Токио

По јавниот апел на канадската кошаркарска ѕвезда Ким Гошер, организацискиот одбор на Летните олимписки игри објави дека ограничувањата се ублажени за да им се дозволи на мајките што дојат да ги земат своите деца со себе.

238

Канадската кошаркарска ѕвезда Ким Гошер пред две недели сподели очајничка молба да ѝ биде дозволено да го земе со себе своето тримесечно бебе на Олимписките игри во Токио. Јавниот апел вроди со плод. Организацискиот одбор на Летните олимписки игри објави дека ограничувањата се ублажени за да им се дозволи на мајките што дојат да ги земат своите деца со себе.

„Инспиративно е што толку спортистки со мали деца се способни да се натпреваруваат на највисоки нивоа, вклучително и на Олимписките и Параолимписките игри, и ние сме посветени да сториме сè што е можно за да им овозможиме да настапат на Игрите во Токио 2020 година“, велат во изјавата за ABC News.






„Откако внимателно ја разгледавме единствената ситуација со која се соочуваат спортистки кои се и доилки, со задоволство потврдуваме дека, кога е потребно, децата кои се дојат ќе можат да ги придружуваат родителите во Јапонија“, додаваат тие.

Меѓутоа, спортистите и членовите на екипите престојуваат исклучиво во олимпиското село, така што децата кои се дојат ќе мора да бидат сместени во приватно сместување одобрено од Организацискиот комитет, на пример во хотели.

Да потсетиме, според строгите правила, на спортистите им беше забрането да носат некого на Олимпијадата, а тоа се однесуваше дури и на мајките кои дојат.

„Сè што некогаш сакав беше да ја претставувам Канада на Олимписките игри, а оваа година се квалификувавме. Но, поради пандемијата и строгите правила, сега сум во дилема. Принудена сум да одлучам дали ќе бидам доилка или Олимписка атлетичарка. Не можам да ги направам двете. За Токио се вели дека немало исклучоци“, рече Ким Гошер во видеото што го објави, а тркачката Алифин Тулиамук, мајка на петмесечната Зои, која исто така дои, се најде во истата ситуација.

„Не можам да замислам да не е со мене, јас сè уште ја дојам. Побарав да направат исклучок“, рекла таа за Вашингтон пост.

Летните олимписки игри започнуваат на 23 јули и траат до 8 август.

Фото: Инстаграм

Поврзани содржини