МАЈКАТА ПРОДАЛА СТАН, КИДНАПЕРИТЕ СЕ ПОЛАКОМИЛЕ ПО ПАРИТЕ Пиштолот со кој се убиени Вања и Панче сè уште не е пронајден

Обвинителот Бубевски соопшти дека има сознанија дека мајката продала стан, а тие средства биле мотив и таргет за изнудата. Таткото имал комуникација со првоосомничениот, кој сега е во бегство, и засега имаме сомнение дека нему му кажал, како и кога девојчето излегува од дома.

16,981

Ова е кривично дело без преседан, изолиран, инцидентен случај, извршен од криминалци, бандити, монструми, кои сакале да стекнат имотна корист, свесни дека мајката неодамна имала продадено стан. Случајот е успешно и целосно расчистен, обезбедени се докази и признанија. За лицето кое е во бегство, и тоа заедно со својот адвокат, ќе сториме се да го изнесеме пред лицето на правдата, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес конференција посветена на убиството на 14-годишната Вања Ѓорѓиевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, на која учествуваше и јавниот обвинител Гаврил Бубевски.

На почетокот беше појаснето дека на денешната прес конференција требало да се соопштат сите сознанија за случајот, но Обвинителството било принудено уште синоќа да објави соопштение, кое било некомплетно и нецелосно, поради тоа што се појавиле многу, како што беше речено, крајно неодговорни шпекулации во јавноста. Обврска на МВР и ОЈО е најпрво да го информираат семејството и да не дозволат тоа да дознае за смртта на девојчето од медиумите. Исто така, беше нагласено, институциите не смееле да излезат со нецелосни инфомации, за да не ги вознемират граѓаните дополнително. Затоа, информацијата за убиствата била објавена уште синоќа, а не денеска како што било планирано.






Откако изрази сочувство до семејството за оваа огромна загуба, од име на сите во МВР и на сите кои учествуваа во истрагата, министерот Спосовски ги сподели официјално информациите за двете убиства и дополни нови детали од истрагата.

– Големата акција за расчистување на овој случај, за жал, не нѐ е доведе до исходот кој го посакувавме, да ги пронајдеме живи, туку и двајцата беа пронајдени мртви. Вчера беа пронајдени телата на двете лица, закопани, едно во околината на Скопје и едно во околината на Велес. Ова е кривично дело без преседан. Засега, осомничени се 5 лица, за 3 се изречени мерки притвор, а за петтото лице, таткото, постои сомнение за соучесништво со извршителите – рече Спасовски.

Целта на извршителите била да се изнудат пари од семејството, поконкретно од мајката на малолетничката, од што сите инволвирани би имале материјална корист. Констатирано е дека човекот од Велес, кој е убиен, немал никаква врска со малолетничката, туку имал нерасчистени односи со еден од извршителите. Токму неговото возило е одземено, искористено е за кривичното дело, а потоа е опожарено. Со тоа возило е земена малолетничката од влезот на живеалиштето. Претходно, таткото споделил информации за нејзиното движење, за времето и местото на нејзиното излегување од дома.

– Главниот извршител и организатор, кој околу 10 часот ја усмртил малолетничката, исплашен од доказите до кои може да се дојде за кривичното дело, сега е во бегство. На овој монструм му ја следиме трагата и ќе сториме сè час поскоро да го изнесеме пред лицето на правдата – рече министерот Спасовски.

Тој исто објасни зошто синоќа не беше одржана оваа прес конференција, туку денеска.

– Пишувањата дека било неработен дел за МВР ги третираме како неодговорност во овој момент, зашто МВР и ОЈО немаат работно време ни слободни денови, туку во секој еден момент може да се излезе и да се соопшти, но мора да биде во вистинско време, кога ќе се завршат сите неопходни дејствија. Не може во МВР да стане збор за инстат-пиар, зашто важно е да се мисли на членовите на семејствата и на тие што работеа на истрагата. Затоа оставивме да се завршат активностите, да се изврши и последниот распит и уште неколку претреси со неопходните судски наредби. Беа преземени сите неопходни активности, веднаш по пристигнатите пријави СВР Скопје и СВР Велес формираа штаб, извршени се бројни претреси, пронајдени се мобилни телефони, компјутер, возила, други предмети, кои се одземени. Извршени се бројни распити и разговори. Во целата акција беа вклучени неколку стотини полициски службеници, кои работеа деноноќно, а истовремено се боревеме и со многу шпекулации и дезинформации. Сакам уште еднаш да нагласам дека ова е изолиран, инцидентен случај, извршен од криминалци, бандити, монструми, кои сакале да стекнат имотна корист. И полицијата и обвинителството успеаја во рекордно брзо време да ги расчистат овие прецизно испланирани кривични дела – рече министерот Спасовски.

Тој уште еднаш повтори дека случајот нема етничка заднина и дека сите осомничени се од македонска етничка припадност.

Обвинителот Гаврил Бубевски информира дека сите инволвирани се идентификувани, од пет инволвирани четворица се приведени и испитани, а од нив тројца го признале делото.

– Од нив имаме признание за нивниот ангажман, за текот на настанот, кој што извршил и какви дејствија презел, како и за мотивите за извршувањето на кривичните дела. Дефинирани се две кривични дела: грабнување и две кривични дела убиства со умисла, позврзани со користољубие, од имотна природа. Тоа е најтешка можна квалификација и се казнува со најтешката казна што може да се изрече во Репулика Северна Македонија. Против три лица е побарана и определена мерка притвор. Кога ќе излезат наодите од обдукцијата, можеби денеска или утре, МВР ќе излезе со кривична пријава и тогаш ОЈО ќе отвори формална истрага. Сега случајот е во предистрага. Тогаш ќе побараме најтешка можна мерка за обезбедување присуство, на подолго време, зашто постојат сите околности, од можност за бегство и од влијание и од повторување на делото. Издадена е меѓународна потерница, за лицето кое е во бегство. Нема веќе дилема што може да се очекува за сторителите на ова грозоморно дело – тие ќе бидат изведени пред лицето на правдата. МВР постапуваше деноноќно, изврши многу истражни дејствија, потребно беше време и трпение за да се дојде до сите детали. Сите обвинители што беа дежурни учествуваа со напатствија и издавање соодветни наредби, за целиот процес да ја запази законитоста, за да не падне целиот процес во судница. Сметам дека со обезбедените искази, кои се повторени и во МВР и во ОЈО, како и со бројните материјални докази, обвинителството нема да има никаков проблем во однос на докажувањето на сите кривични дела – рече обвинителот Бубевски.

На прашање како е можно девојчето да е ликвидирано толку кратко по грабнувањето Бубевски рече дека постојат искази и индиции дека на извршителите настанот им излегол од контрола, дека имале паника поради тоа што случајот многу брзо излегол во јавноста и јавноста и институциите биле многу ангажирани.

На прашање за првоосомничениот и дали има основа шпекулацијата дека некој можеби му дојавил тој да побегне од земјава, министерот Спасовски рече дека тој е заминат со возило, заедно со неговиот адвокат, прво за Белград, а од таму за Бугарија. Сега се испитува каде е заминат од таму. Тој не можел да има никаква дојава затоа што и ние ја имавме информацијата за него дури на 30, а тогаш тој веќе бил заминат. Не можел никој да има таква информација за да може да му дојави, рече Спасовски.

За минатото на првопријавениот Спасовски рече дека тој имал неколку прекршочни опстапки, една од ОВР Прилеп, а неодамна е поднесена и една кривична пријава за него.

На прашање за улогата на таткото во грабнувањето и убиството, обвинителот Бубевски рече дека двајца од осомничените признале дека таткото им ги кажал информациите за девојчето, кога излегува од дома и каде се наоѓа. Тој овие информации им ги доставил на првообнитиот, а сега се испитуваат аспектите дали и колку се познавале извршителите и таткото.

Бубевски соопшти дека има сознанија дека мајката продала стан, а тие средства биле мотив и таргет за изнудата.

Таткото имал комуникација со лицето кое сега е во бегство, тоа е само сомнение, засега, и нему му кажал, како и кога девојчето излегува од дома.

Засега нема индикации дека станува збор за организирана група, што би повлекло поинакво обвинение, туку засега сите се третираат како соизвршители, рече Бубевски.

Обвинителот соопшти дека во двете убиства еден ист е извршителот и дека тој е првоосомничениот, кој е во бегство. Оружјето сè уште не е најдено, се вршат претреси.

На прашање на новинарите дали овој случај говори дека граѓаните се небезбедни во главниот град, министерот Спасовски рече дека овој случај нема никаква врска со јавната безбедност, ова е криминален чин со конкретен план и цели.

– На тезите дека заради самитот не се постапувало по овој случај, или деке не се објавувало нешто, можам да кажам само дека тие се апсолутна бесмислица. Никој нема да дозволи да се прекине истрага поради одржување политички настан. Освен тоа, сосема друг сектор во надлежност за безбедноста на Самитот, а кривичната истрага е надлежност на друга управа. Паралелно и интензивно повеќе од 100 полициски службеници работеа на овој случај – рече Спасовски.

Поврзани содржини