МАЈКА НА ОБВИНЕТ НАПАДНА ПОЛИЦИСКА СЛУЖБЕНИЧКА Напнат почеток на судењето за убиството на турски државјанин во Штип

Судењето го следат и роднините на убиениот, кои допатуваа од Турција и беа сместени во поголемата сала поради големиот интерес од јавноста.

127

Судењето за убиството на 25-годишниот турски државјанин денеска во Штип започна во напната атмосфера, откако мајката на еден од обвинетите физички нападна полициска службеничка веднаш пред почетокот на рочиштето. Жената, стара 52 години, беше приведена, а против неа ќе биде поднесен соодветен поднесок по документирањето на настанот.
Инцидентот се случил во судската зграда каде процесот се води под засилено полициско присуство. Судењето го следат и роднините на убиениот, кои допатуваа од Турција и беа сместени во поголемата сала поради големиот интерес од јавноста.
Процесот вчера и официјално почна со воведни излагања на странките. За убиството се обвинети пет лица – едно за директно извршување на делото, а останатите за помагање пред и по убиството. Според обвинението, на 8 мај годинава, главниот обвинет влегол во кафуле на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип, се упатил до тоалет, а потоа се вратил и пукал кон жртвата со нелегално оружје, испукувајќи шест куршуми.
Обвинителството тврди дека дел од другите обвинети му обезбедиле логистичка поддршка – од сместување, до транспорт и прибавување на оружје. По нападот, наводно му помогнале и при бегството. Еден обвинет, пак, се товари дека му помагал по извршувањето на делото.
Одбраната, пак, бара преиначување на делото во „убиство на миг“, тврдејќи дека нема докази за претходна намера и дека обвинителството погрешно ги квалификувало улогите на сите инволвирани. Адвокатите истакнуваат и дека во постапката имало пропусти кои треба да се земат предвид.
Случајот привлече значително внимание во јавноста, а денешниот напад дополнително ја засили драматиката околу процесот. Полицијата најави дека ќе се засилат мерките за обезбедување на следните рочишта.
Продолжението на судењето е закажано за 19 декември, кога се очекува судот да започне со изведување на материјалните докази и сослушување на сведоци.

 

 

Поврзани содржини