Маја Стојановиќ Чрчева: Томосинтезата да се вклучи во редовни прегледи кај жени со густи дојки

3Д мамографијата (томосинтеза) е метода со која се прави снимање на дојката по слоеви со што се надминува тој недостаток на мамографијата и значително се зголемува процентот на рано детектирани карциноми.

4,897

Во рамки на Поликлиниката „Рес хумана“ веќе десетта година функционира и Центарот за дојка, каде покрај мамографија се изведува и 3Д мамографски преглед, односно томосинтеза. Доктор Маја Стојановиќ Чрчева, специјалист радиолог, зборува за важноста на томосинтезата во раната детекција на рак на дојка кај жени со густо фиброжлездено ткиво. Таа вели дека томосинтезата треба да биде вклучена во редовните скрининг прегледи кај здрави асимптоматски жени со густи дојки.

Која е разликата помеѓу обичната мамографија и томосинтезата?






– Основната разлика помеѓу мамографија и 3Д мамографија (томосинтеза) е во различниот приказ на структурата на дојките. Кај стандардната мамографија се добива слика на дојката која е тродимензионален објект во две рамнини, при што кај жени со густо фиброжлездено ткиво поради неговото препокривање се добиваат големи зони на ограничена видливост на промените кои можеби ги има. Тоа води до поголем број недетектирани карциноми или погрешно протолкувани наоди. 3Д мамографијата (томосинтеза) е метода со која се прави снимање на дојката по слоеви со што се надминува тој недостаток на мамографијата и значително се зголемува процентот на рано детектирани карциноми. Томосинтезата се разликува од мамографијата на истиот начин како што КТ скенот се разликува од конвенционалната рентген снимка.

За кои пациентки е важен овој тип на мамографија?

– Овој тип на мамографија е важен за сите пациентки кои имаат густи дојки. Статистички почесто густи дојки имаат жените на помлада возраст пред менопауза. Од друга страна имаме пациентки во напредната возраст со густи дојки, но и помлади пациентки со помала густина на дојките каде стандардната мамографија ни дава доволна информација. Затоа треба да се има индивидуален пристап кон секој пациент. Треба да се земе предвид дека и поради различниот тип и квалитет на прегледите – и финансиското чинење на истите се разликува. Во нашата установа правиме многу внимателна селекција на пациентките кај кои би добиле поточна и поисцрпна информација со томосинтеза исклучиво врз основа на медицинска индикација, а во никој случај не заради финансиски бенефит.

На што се должи таквата густа структура на дојка кај жените?

– Структурата на дојките е индивидуална за секоја жена и зависи од генетската предодреденост и хормоналниот статус на жената кој се менува во различните периоди од животот.

Дојките се изградени од жлездено ткиво, сврзно ткиво и масно ткиво кои се со различен процент на застапеност. Дојките кои имаат поголем процент на застапеност на жлезденото и сврзното ткиво велиме дека се густи.

Дали прегледот е болен и како се изведува?

Доктор Маја Стојановиќ Чрчева од Центар за дојка: Пристапот за препорака на 3Д мамографија (томосинтеза) треба да биде индивидуален

– За пациентот нема значителна разлика во начинот на изведување на 3Д мамографија (томосинтеза) во споредба со 2Д мамографија. За време на прегледот дојките се поставени меѓу две компресивни плочи, но притисокот е значително помал и со самото тоа и нелагодата на пациентот е помала, односно прегледот не е болен. Разликата е во тоа што за време на томосинтеза рентген цевката прави полукружно движење и при тоа се прават повеќе пресеци под различни агли. Во мамоматот има инсталиран моќен софтвер кој прави реконструкции и се добиваат поголем број слики од дојката прикажани по слоеви од 1 мм.

Дали томосинтезата е поврзана со возраста на пациентките и на колку време се препорачува да се прави оваа метода?

– Како што споменав, густината на дојките е индивидуална и зависи од повеќе фактори. Се очекува со напредување на возраста да се намали густината на дојките, но сепак има и пациентки кои
се во менопауза подолг период и сѐ уште имаат густа структура и обратно, пациентки во репродуктивен период со помала густина. Затоа пристапот за препорака на 3Д мамографија (томосинтеза) треба да биде индивидуален. Во однос на возраста, се препорачува првата мамографија да се направи на возраст од 35-40 години, во зависност од тоа дали жената има некои од факторите кои го зголемуваат ризикот од појава на карцином на дојка или не (генетска детерминираност, претходно лекуван карцином на дојка или на репродуктивни органи, долготрајна хормонална терапија). Докторот кој го прави прегледот земајќи ја предвид деталната анамнеза на пациентката и структурата на дојките, го прави планирањето во врска со типот на мамографија кој би бил најсоодветен за пациентката, како и временскиот интервал во кој би се правеле понатамошните прегледи.

Дали зрачењето при томосинтезата е поголемо од тоа на обичната мамографија?

– Според стандардите поставени од FDA (Агенција за храна и лекови) зрачната доза која се прима за време на 3Д мамографија (томосинтеза) треба да биде иста или малку поголема од онаа која се добива со 2Д мамографија, со дозволени мали разлики во зависност од фирмата производител на мамоматот. Во Центар за дојка располагаме со најсовремен мамомат кој овозможува преглед на томосинтеза со иста зрачна доза како 2Д мамографија (0.4 mSv).

Центарот за дојка во Скопје е еден од првите вакви центри во светот кој ја воведе методата томосинтеза. Како почна примената на оваа метода во Македонија, каде се едуциравте?

– Со отворање на Центарот за дојка имавме желба да направиме установа во која ќе понудиме врвна и современа комплетна дијагностика на болести на дојка со што на пациентите им овозможуваме да го почувствуваат бенефитот од раната детекција на карцином на дојка од терапевтски и прогностички аспект. 3Д мамографијата (томосинтеза) за прв пат е одобрена од FDA (Агенција за храна и лекови) во февруари 2011 година, а во Центарот за дојка се работи од јуни 2011 година. Почетокот беше предизвик за нас како млад кадар, но ентузијазмот и љубовта кон професијата ни беа пресудни во надминување на проблемите со кои се судрувавме. Работата со пациенти ја започнавме по завршување на долготрајни едукации во врвни медицински центри: Универзитетот „Руперт Карл“ во Хајделберг, Германија и на Медицинскиот универзитет во Виена, Австрија. На почетокот недостасуваше стручна литература поради краткиот временски интервал на примена на методата во тоа време, и немаше можност за споделување на искуства и консултации во државата и во поблискиот регион поради што од исклучително значење ни беа консултациите со врвни професори од медицинските центри во кои бевме на обука. Бидејќи бевме една од првите установи во светот кои ја практикуваа 3Д мамографијата (томосинтеза), имавме можност да учествуваме со наши автентични случаи во креирање на базата на податоци со случаи кои се користат за едукација на идни кадри во Научно-истражувачкиот центар на Сименс во Ерланген, Германија. Нашата едукација продолжува во сите наредни години и сѐ уште трае преку континуирана посета и учество во голем број предавања и стручни конгреси поврзани со оваа проблематика.

Кои се моменталните трендови и новости во врска со томосинтезата?

– По сите овие години во кои се употребува томосинтезата објавени се голем број студии со импозантен број испитаници од сите континенти кои се публикувани во повеќе светски стручни списанија. Тие ја потврдуваат и докажуваат нејзината значителна улога во зголемување на процентот на рано детектирани карциноми на дојка поради што новиот тренд и новите препораки од FDA се томосинтезата да биде вклучена во редовните скрининг прегледи кај здрави асимптоматски жени со густи дојки. Секако, за да се реализира тоа неопходни се современ и квалитетен мамомат, добро обучен радиолошки технолог и добро обучен рентгенолог кој правилно ќе го интерпретира наодот. Со задоволство можам да кажам дека ми е чест што сум дел од тимот на Центар за дојка кој низ годините стана синоним за современ медицински центар кој нуди квалитетни прегледи на пациентите кои се нашиот приоритет.

Поврзани содржини