ЛУКСУЗЕН „МАЈБАХ“ ПУШТЕН СО ЛАЖНИ ДОКУМЕНТИ Кривична за 9 лица и 2 компании, буџетот оштетен за милиони денари

Царината откри шема за увоз на луксузен автомобил со фалсификувани документи и избегнати давачки во вредност од 1,9 милиони денари.

326

Организиран криминал поврзан со увоз на луксузен автомобил „мерцедес-мајбах“ открија истражните служби на Царинска управа, по што е поднесена кривична пријава против девет лица и две компании.

Според информациите, станува збор за употребувано возило набавено во Германија, кое во 2023 година било пуштено во слободен промет и регистрирано во земјава со фалсификувани документи. Со тоа, како што наведуваат од Царината, државниот буџет бил оштетен за околу 1,9 милиони денари.






Истражителите утврдиле дека увозникот, заедно со царински застапник од шпедитерска фирма, подготвиле лажна фактура со пониска вредност на возилото, како и фалсификуван доказ за потекло за да избегнат плаќање дел од увозните давачки. Во документацијата биле внесени и неточни податоци за регистарските таблички и за увозникот.

При царинењето, наместо околу 3,9 милиони денари, биле наплатени два милиони денари. Со посредство на неколку службени лица, возилото било пуштено во слободен промет и подоцна регистрирано.

Од Царинската управа посочуваат дека дел од осомничените службеници веќе биле опфатени во други предмети за злоупотреби при увоз на автомобили и минатата година биле отпуштени од работа. Во меѓувреме, донесено е решение за дополнителна наплата на избегнатите давачки, при што се наплатени вкупно 2,5 милиони денари – од кои 1,9 милиони основен долг и 600 илјади денари камати.

Истрагите за сомнителни увози на возила започнале во октомври 2024 година. Во изминатата година ипол биле поднесени 51 кривична пријава против стотици физички и правни лица за злоупотреби поврзани со увоз на 180 употребувани автомобили, со што буџетот бил оштетен за околу 41 милион денари.

Од Царината најавуваат дека контролите ќе продолжат со цел сузбивање на криминалот и заштита на фер конкуренцијата на пазарот.

Поврзани содржини