📽️ ЛУКРОВСКИ ПРОГЛАСИ ПОБЕДА ВО КАРПОШ Ново поглавје за општината започнува вечерва

Сотир Лукровски најави дигитализација, реконструкција на фасади и лифтови, повеќе паркинзи и зелени површини, како дел од новата визија за општина Карпош.

4,442

Сотир Лукровски вечерва прогласи победа во општина Карпош во својот изборен штаб, опкружен со голем број поддржувачи кои со аплаузи ја дочекаа веста.

– Вечерва зборувам со срце полно гордост и благодарност. За секој човек кој веруваше дека чесноста, трудот и вистината повторно можат да победат. Денес не победувам јас, победува Карпош – рече Лукровски пред присутните, додавајќи дека во оваа кампања не се борел за функција, туку за доверба.






Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека победата не е само на една партија, туку на сите граѓани кои се бореле за промени и кои не се откажале од својот град.

– Победуваат сите оние што секој ден ме запираа на улица и ми велеше: „Сотир, време е да се смени нешто!“ – рече тој.

Лукровски зборуваше и за проблемите со кои се соочувала општината во минатото.

– Гледавме како Карпош се бетонизира, како зеленилото исчезнуваше, како улиците стануваа депонии, а луѓето остануваа неми сведоци на неправда. Таа реалност завршува вечерва – рече тој.

Тој најави ново поглавје за општината, кое ќе донесе ред, визија и работа.

– Време е општината да стане сервис за граѓаните, а не алатка за лични интереси. Ќе се слуша секој глас и ќе се гледа секое дело. Нашата програма не е список на ветувања, туку договор со граѓаните. Ќе ја дигитализираме општината, ќе ги реконструираме фасадите и лифтовите, ќе создадеме нови паркинг места и повеќе зелени зони. Карпош ќе стане пример за современ, урбан и достоинствен живот – изјави Лукровски.

На крајот, Лукровски се заблагодари на својот тим, волонтерите и граѓаните кои го поддржале на овој пат.

– Јас ќе бидам секој ден со вас – на улиците, во маалата, кај проблемите, со решенија. Вечерва не славиме крај, туку нов почеток. Почеток на Карпош што повторно дише со народот – заклучи новиот градоначалник.

Поврзани содржини