Лукаревска: Државната помош ја злоупотребиле околу 500 компании
Директорката на УЈП рече дека повеќето компании кои злоупотребиле државна помош за време на пандемијата се главно мали фирми со 1 до 5 вработени.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, во вечерашното гостување во емисијата „Економски магазин“ на Алсат, рече дека одредени компании кои добиле државна помош за исплата на вработените, не ги исплатиле своите работници. Според неа, има околу 500 такви компании.
– Можам да кажам дека со состојбата од пред два дена имаме околу 500 компании кои злоупотребиле. До крајот на јануари имаме дополнително време да видиме дали ќе се изврши плаќањето за потоа да се извести јавноста. Оние компании кои злоупотребиле за месеците април, мај и јуни, не можат повторно да аплицираат за оваа државна помош затоа што системот автоматски ги одбива – рече Лукаревска.
Директорката на УЈП рече дека повеќето компании кои злоупотребиле државна помош за време на пандемијата се главно мали фирми со 1 до 5 вработени. Според неа, компаниите од оваа категорија, сметајќи дека се занемарливи од системот на Инспекторатот, ги чувале парите за себе и не им дале ништо на своите вработени. Но, таа нагласи дека казните во вакви случаи се движат од 1.000 до 10.000 евра.
– Според анализата за даночните обврзници, кои направиле злоупотреба, станува збор за компании кои имаат од 1 до 5 вработени. Имајќи предвид дека системот не може да ги детектира или дека работат во многу тешка ситуација, тие веќе имаат неисплатени плати. Од друга страна, тие сметаат дека нема да правиме контроли. Не можам да кажам дека казните се мали затоа што станува збор за помали прекршоци кои се движат од 1000 до 10 000 за компании, плус казни што ќе ги изрече Државниот инспекторат за труд, плус кривична одговорност на која ќе инсистираме – рече Лукаревска.