Австриската авионкомпанија „Аустријан ерланјс“ смета дека употребата на заштитни маски во борбата против ширењето на коронавирусот во авионите е посоодветно отколку оставањето на средното место празно, изјави портпаролот на компанијата, Марлен Пирхнер.
Како што пренесува БГНЕС, закажаните летови на австриската компанија се откажани до 31 мај. Авиокомпанијата го следи пазарот и во јуни ќе ги обнови летовите.
Компанијата мајка „Луфтханза“ веќе го направи задолжително носењето маски за време на летовите, така што истото ќе треба да се спроведе и во „Аустријан ерлајнс“.
„Блокирањето на средните места би било крајно непрофитабилно во финансиска смисла. Посоодветно е да се работи со маски и да не се оставаат слободни места за седење. Од гледна точка на животната средина, овој пристап ќе биде поддржан и затоа што во овој случај нема да мора да летаме почесто“, велат од компанијата.
„Луфтханза“ планира во јуни да ги обнови летовите во повеќе од 130 дестинации, обидувајќи се да реактивира дел од авионите, приземјени поради пандемијата на коронавирусот, соопшти германската авиокомпанија.
Сите членки на групата ќе изведуваат 1.800 летови неделно до крајот на јуни, соопшти раководството. Билетите се во продажба од вчера.
Најавата за продолжување на летовите доаѓа во време кога авиокомпаниите сè уште прават планови за реактивирање на авионите, поради неизвесност во врска со побарувачката, новите здравствени мерки и карантин на некои пазари.
Летовите ги обновуваат и другите членки на групата СВИС, „Јуровингс“ и „Брисел ерлајнс“, пренесува Хина.
„Луфтханза“ преговара со германската влада за програмата за помош од девет милијарди евра од германскиот фонд за економска стабилизација за надминување на ефектите од пандемијата и падот на патувањето во периодот по смирувањето на пандемијата на ковид-19.