„ЛУДАЦИ, УТРЕ КОНЕЧЕН РОК, БИ ИМ ЈА ЗЕЛ НАФТАТА, САМО ЈАС ВЕЛАМ КРАЈ“ Еве ги поентите од говорот на Трамп за војната

Шефот на САД постави конечен рок до утре до 20 часот за договор со Иран. Трамп вели дека само тој ќе одлучи за примирје и дека Ормускиот Теснец мора да се отвори. Говорејќи пред Белата куќа Трамп рече дека „луди луѓе не може да имаат нуклеарно оружје“ и дека новото раководство на Иран е, како што вели, далеку поразумно. Според него иранскиот народ сака да слуша бомби затоа што сака да биде слободен.

1,019

Претседателот на САД Доналд Трамп во своето обраќање испрати низа остри и контроверзни пораки за Иран, меѓу другото велејќи дека „рокот за примирје кој важи до утре, 7 април во 8 часот по источно време е краен“. Во обраќања и разговори со новинари, тој тврдеше дека само тој може да донесе одлука за примирје отфрлајќи го предлогот за 45-дневен прекин на огнот.

Неговите изјави доаѓаат во момент на зголемени тензии и дипломатски притисоци околу Ормускиот Теснец. Исто така, Техеран претходно во одговор од 10 точки ги офрли предлозите на САД за мир.






– Не можеме да им даваме нуклеарно оружје на луди луѓе – изјави Трамп на прес-конференција во Белата куќа.

Тој тврдеше дека во Иран има „целосна промена на режимот“ и дека новите преговарачи се „многу поразумни“.

– Тие беа луди луѓе, а луѓето со кои преговараме сега се многу поразумни – додаде Трамп.

Според него, разговорите со Техеран се движат во позитивна насока и се водат „со добра волја“.

„Би им ја зел нафтата“

Трамп изјави дека, доколку од него зависи, би продолжил со војната за да ја преземе иранската нафта.

– Не е доволно добро, но е многу значаен чекор напред – рече тој, коментирајќи ги предлозите за примирје.

Во исто време, призна дека постои притисок од јавноста конфликтот да заврши.

„Може да бидат уништени преку ноќ“

– Иран може да биде уништен преку ноќ. Тоа може да се случи уште утре вечер – изјави Трамп.

Тој додаде дека САД постигнуваат „огромен напредок“ во операцијата „Епски бес“.

– На ниво што никогаш порано не е видено – рече тој.

„Јас одлучувам за примирје“

– Јас сум единствениот кој ќе одлучи за прекин на огнот – порача Трамп.

Тој претходно го оцени предлогот за 45-дневно примирје како „значаен чекор“, но и дека „не е доволно“.

„Пцуев за да изнесам поента“

Трамп се осврна и на својот вулгарен говор на социјалните мрежи.

– Само за да изнесам поента. Мислам дека сте го слушнале тоа и претходно – рече тој.

Се работи за претходна објава на Трамп во која тој му порача на Иран да го отвори Ормускиот Теснец.

„Отворете го тој проклет теснец или ќе живеете во пекол – само гледајте“.

„Иранците сакаат да слушаат бомби“

Трамп тврдеше дека иранскиот народ ќе се побуни ако има пристап до оружје.

– Иранскиот народ ќе се побуни штом ќе знае дека нема да биде убиен – рече тој.

Тој даде и контроверзна оцена:

– Иранскиот народ сака да слуша бомби затоа што сака да биде слободен.

Според него, незадоволството расте кога бомбардирањето престанува.

„Не сакаме нов Чемберлен“

Во еден момент, Трамп направи историска споредба со Велика Британија.

– Не сакаме уште еден Невил Чемберлен, нели? – рече тој.

Со тоа алудираше на политиката на попуштање пред Втората светска војна.

Поврзани содржини