Луѓе кои одат назадечки

Големите општествени катастрофи, како впрочем и природните, не доаѓаат без најава. Секогаш – или најчесто – има назнаки, сигнали, предвесници… што навестуваат што може да се случи. Друга работа е дали ние истите ги гледаме односно сакаме да ги видиме. Ако одиме назадечки – никогаш не ги гледаме!

1,097

Зашто национализмот никогаш и никаде не може да биде прогресивен, да влече напред и да биде во дослух со времето. И не е точно дека, на пример, национализмот нема боја. Има. Има бел, црн, жолт… национализам и оној во сите други бои на виножитото. И тие суштински се разликуваат, освен во едно – дека се национализми. И не е точно дека национализмот е „идеологија“ на пониските класи – Македонија е нагледен пример за тоа дека тој цути прво „горе“, во т.н. академски кругови, а потоа полека го спуштаат долу, меѓу масите. И не е важно што овие локални академски кругови се всушност квазиакадемски, квазиинтелектуални средини зашто нивните академски дипломи се само парталави и добро платени парчиња хартија без суштина, морал и етика. А меѓу таквите доминираат разноразни „доктори“ и „докторки“, „професори“ и „професорки“, кафеански новинарчиња и партиски пискарала, „граѓански“ активисти и независни „интелектуалци“…

Впрочем, не сме сами на тој „фронт“, примерите со САНУ, БАН и други речито говорат во прилог на ова. Но и за последиците од така високоформатираниот национализам.

Но ние имаме и една специфика: ние извезуваме национализам и политикантство, особено меѓу дијаспората во Швајцарија и Германија, Австралија или Америка… А со нив, со национализмот и ефтиното политикантство, ја извезуваме и македонската некултура. Впрочем, што беше она со „ниту од Грци, ниту од Бугари, ниту од оние што ни го газеа знамето…“ во Дизелдорф или „предавањето“ во Швајцарија дека „без Албанците, Северна Македонија нема иднина“?

Големите општествени катастрофи, како впрочем и природните, не доаѓаат без најава. Секогаш – или најчесто – има назнаки, сигнали, предвесници… што навестуваат што може да се случи. Друга работа е дали ние истите ги гледаме односно сакаме да ги видиме. Ако одиме назадечки – никогаш не ги гледаме! Како што не ја видовме ни онаа 2001 година, иако многумина, па и еден бивш претседател, се фалеа со своите безбедносни познавања и биографии. Каде, и што, гледаа тогаш? И каде и што гледаа изминативе седум години кога токму националистички поттикнуваниот криминал и корупција земаа таков замаф што сега никој не може да ги сопре?

И последната изјава на високи владини функционери (претставници на ВЛЕН( за планираниот бојкот на двајца уставни судии при одлучувањето за Законот за јазиците е лош етно сигнал којшто не придонесува кон стабилизацијата на развиорените националистички страсти. Зашто, стратегијата на „одење назадечки“ или „главата во песок“ не е стратегија туку е – бегање од фактите. Или – доразгорување на оганот! Зашто, ако во сѐ, или барем во суштинските нешта, бара(в)ме високостручно односно експертско мислење, во овој случај го добивме одамна во ставот на Венециската комисија како најмеродавно тело. Кој и како реши тој експертски став да не се почитува? Коалициските партиски раководства на сдсм и дуи кои така ја фрлија во националистичко заложништво државата? Ако и денес ни е репер тоа политикантство, тогаш главата останува длабоко закопана во песокот, а балонот на катастрофата се пумпа до пукнување!

Впрочем, зошто на тој начин се прејудицира потенцијалната одлука на Уставниот суд? Или целта е токму тоа: да се изврши непринципиелен притисок врз судот? И дали овде навистина станува збор за „дискриминаторска природа“ и потенцијално „поништување на албанскиот јазик на институционално ниво“? Дали овој пример понатаму ќе се користи како политикантски модус операнди и за други слични политички прашања наследени од суштински погрешните одлуки од блиското минато? И каде тоа ќе ја одведе државата? Зашто, најавата дека ова е „политичко прашање“ е поразителна: тогаш зошто ни се институции ако главните прашања се решаваат меѓу политичките врхушки?

Следствено, ако се вратиме на основната дефиниција на национализмот како политика или доктрина на наметнување на интересите на еден етникум издвоено односно над интересите на другите во државата, тогаш кој овде наметнува исклучивост и етнички интереси? Па ако ваквата „доктрина“ на бојкот се простре врз сите политики во државава, каде ќе нѐ одведе тоа? И тоа ли е европски начин на решавање на проблемите?

Луѓето кои одат назадечки и национализмот во нивните глави инсистираат сѐ да се мери на етничкиот кантар. Како оној на Бит-пазар или на Буњаковец. Или кантарот викан – балансер. Но тие и такви кантари никогаш не се точни. И не биле. Затоа и служат за на пазар а не за во државни институции. Современата наука и политика измислила прецизни експертски и високостручни „кантари“ коишто нештата „ги мерат“ според етаблираните демократски стандарди и цивилизациските вредности. И само тие се валидни, без оглед дали некому му се допаѓаат или не.

И да, знам дека веднаш ќе пропеат и оние клиентелистички вувузели и мегафони кои изминативе години ги дуваа ваквите непринципиелни нешта вон сите пропорции и стандарди. Голем дел од вината за денешните состојби лежи (и) таму, но и кај оние кои ги пласираа во јавноста нивните во основа анахрони националистички „ставови“. Што пак нѐ води, по којзнае кој пат, и до темата: што е тоа слобода на говор и што таа подразбира? Но тоа е сепак друга тема, за друга прилика.

 






извор: теодосиевскиуметност

Поврзани содржини